Мукоски замина од функција, но семејната фирма не се „прости“ од тендерите

Друштвото „Атриум“ неодамна склучи договори со ПИУК и Министерство за образование вкупно вредни 840 илјади евра.

by Фокус

На последните парламентарни избори, одржани на средината на 2020 година, заврши мандататот на пратениците кои донесоа многу крупни одлуки, а најчувствително беше гласањето на уставните амандмани, со кои впрочем се имплементираше Преспанскиот договор со Грција.

Промената на Уставот, која потоа резултираше со членство во НАТО, но беше недоволна за почеток на преговори со ЕУ, ќе беше невозможна доколку немаше поддршка од осуммината пратеници од тогашната коалиција предводена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Еден од нив беше Крсто Мукоски, кој ги поддржа уставните амандмани, а мнозинството донесе закон што овозможи тој и многу други учесници да бидат амнестирани за крвавите настани во Собранието на 27 април, кога Мукоски ги отвори вратите низ кои потоа влегоа демонстрантите во Законодавниот дом.

Во меѓувреме, некои од тогашните опозиционери што гласаа за Преспанскиот договор целосно преминаа во таборот на СДСМ, станувајќи пратеници и државни функционери, други им се вратија на матичните професии, додека Мукоски изчезна од политичката сцена.

Сепак, и после неговото повлекување од пратеничката функција, вевчанската фирма на семејството Мукоски не престанала да добива тендери од државни институции.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, во јануари годинава друштвото „Атриум“ склучило договор со АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, или поранешен ПИУК, за тековно и инвестиционо одржување на објектите со кои стопанисува друштвото во државна сопственост.

Станува збор за деллива набавка поделена на 5 дела или лота, при што сите дела ги добила вевчанската фирма поврзана со семејството Мукоски, додека вкупната вредност на договорот изнесува 36 милиони денари или 585 илјади евра.

Покрај тоа, „Атриум“ кон крајот на ланската 2021 година склучила и два договори со Министерството за образование. Притоа, едниот се однесува за реконструкција на кров и фасада, адаптација на тоалет и изградба на пристапна рампа во ОУ „Никола Карев“ во Општина Кочани, чија вредност е над 9 милиони денари.

Вториот договор, пак, двете страни го склучиле за комплетна реконструкција на ОУ „Сандо Масев“, село Добрејци, Општина Струмица, и неговата вредност е 6,7 милиони денари.

Денес, во Централниот регистар компанијата се води во сопственост на братот на пратеникот Мукоски – Бобан Мукоски, додека до неодамна косопственик на друштвото неговиот татко Милан Мукоски.

Уште додека Мукоски извршуваше пратеничка функција, Фокус пишуваше дека компанијата во 2018-2019 година склучила уште неколку договори за јавна набавка, од кои најголемиот договор повторно бил со ПУИК за тековно и инвестициско оддржување на објекти од 42 милиони денари.

Колку за потсетување, по политичките промени, новата Влада на СДСМ ја обвини оваа компанија дека склучила неповолен договор со претходното раководство на ПУИК за Националната арена Телеком, така што, говореше тогаш владиниот генсек Драги Рашковски, само варосувањето чинело, според него, напумпани 10 евра по квадрат.

Но, оваа компанија продолжи да добива тендери откако Мукоски го поддржа Преспанскиот договор, а продолжува да склучува договори за јавна набавка и откако истече неговиот пратенички мандат.

Иако упативме прашање до Мукоски дали е целосно е повлечен од политичката сцена и дали има политички амбиции и планови за иден политички или државен ангажман, досега не добивме одговор.

Влатко Стојановски

Поврзани новости