Компанијата Атриум на семејството Мукоски добила тендер од УХМР од 3 милиони денари

by Фокус 14:43
14:43

Градежната компанија Атриум, во сопственост на семејството на пратеникот избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, кој беше исклучен од партијата откако гласаше за уставните измени согласно Преспанскиот договор, неодамна добила тендер и од Управата за хидрометеролошки работи во вкупна вредност од 3 милиони денари или скоро 49 илјади евра.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Атриум ДОО од Вевчани и УХМР во јули годинава склучиле 3 договори за реновирање и санација на објектите на метеоролошките станици и полигони во рамки една таканаречена поедноставена отворена тендерска постапка.

- Advertising -

Имено, предметот на набавката бил поделен на 3 дела, при што едниот се однесува за вршење на градежни работи на објектите на метеоролошките станици во Берово и Виница, вториот за метеоролошките станици во Лазарополе и Пожаране и третиот за станиците во Претор и Охрид.

Од известувањето за склучените договори може да се увиди дека во сите три дела од набавката, за кои се се спроведува посебна постапка на евалуација на понудите и негативна аукција, учествувале неколку компании, меѓутоа на крајот Атриум бил избран за најповолен понудувач бидејќи за сите лота понудил најниска цена.

Иако вевчанската компанија за трите лота првично доставила вкупна понуда од 4.633.205 денари без ДДВ (1.783.235 + 1,424.988 + 1,424.982 ден.), сепак, фирмата на Мукоски и УХМР склучиле договор кој не надминува вкупна сума од 3 милиони денари со вклучен ДДВ за сите три лота.

Впрочем, и во Членот 2 од договорот меѓу двете страни стои дека вкупната цена на набавката не смее да ја надмине оваа сума, која, патем, е обезбедена од Министерството за земјоделство согласно Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.

Инаку, во последниот период компанијата склучила уште неколку договори за јавна набавка, така што во минатата 2018 година склучила договор со Министерството за образование за реконструкција на училишта од над 7 милиони денари, со Град Скопје за енергетски фасади од 2,5 милиони денари, но најголем е договорот до ПУИК за тековно и инвестициски оддржување на објекти од 42 милиони денари.

Според податоците од Централниот регистар, сопственици на компанијата формирана во далечната 1944 година се таткото и братот на пратеникот Мукоски – Милан и Бобан Мукоски.

Колку за потсетување, по промената на власта, новата влада ја обвини нивната компанија дека склучила неповолен договор со претходното раководство на ПУИК за Националната арена Телеком, така што, говореше тогаш владиниот генсек Драги Рашковски, само варосувањето чинело 10 евра по квадрат.

В.С.

Поврзани новости