Поранешниот пратеник Крсто Мукоски во 2018 година во Судот за човекови права во Стразбур поднесе апликација, во која што наведува дека му биле повредени човековите права при случајот „27 април“, во кој тој беше еден од обвинетите, но потоа беше амнестиран, со што се спаси од кривичен прогон.
Предметот е заведен во судот, во февруари годинава, а апликацијата од неодамна е објавена јавно.
Мукоски во апликацијата се жали дека незаконски бил уапсен, додека уживал пратенички имунитет, а потоа ја оспорува и законитоста на притворот кој му беше одреден. Навел дека не требало да биде притворен бидејќи имал семејство (четири деца), имот, бил без претходно кривично досие, но и дека бил пратеник.
„Апкликацијата се однесува на наводна противзаконитост на неговото апсење и полициски притвор од 28 ноември 2017 година (додека тој уживал пратенички имунитет) и недостаток на доволни причини за неговото определување притвор на 5 декември 2017 година (откако парламентот му го укина имунитетот), продолжен на три пати и заменет со куќен притвор на 26 март 2018 година“, се наведува во образложението на судот.
Тој се повикува на амнестијата, која предвидуваше прекинување на кривичната постапка или ослободување од кривично гонење на лица осомничени за сторено кривично дело во врска со настаните од 27 април 2017 година.
Сега на потег е државата. Таа треба да одговор на неколку прашања кои судот ги испраќа до неа, но и да појасни дали ќе се спогоди со Мукоски, или не.
Мукоски, пред да биде амнестиран, се гонеше за тоа што на критичниот 27 април ја отвори вратата на Собранието, по што толпата народ непречено влезе внатре.
Валентина Вурмо