Пратеникот Ферид Мухиќ, од СДСМ денеска изјави дека ќе гласа „за“ уставните измени со цел промена на уставното име.
Мухиќ, кој до пред некој ден беше против уставни измени, објасни дека со неговиот став се довел во ситуација, на извесен начин со својот став да влијае на 20.000 граѓани на Македонија, кои ги претставува во Парламентот.
– Во меѓувреме се разбистрило доста од она што не било веднаш толку јасно и што и мене на некој начин ми се разбистри во неколку точки што сакам да ги споделам со целата македонска јавност, бидејќи ја чуствувам таа одговорност и со вас, бидејќи ја носиме директната одговорност, рече Мухиќ.
Објасни дека цел живот се водел од она дека е многу лесно да бидеш чесен и праведен, да бидеш готов да одиш до крај без огледа дали тој пат води во живот и смрт и дека ова што пред нас се отвора како дилема на сите граѓани е нешто што навистина вреди да биде меѓу оние нешта за кои се жртвува животот, „меѓутоа тоа важи само за приватната одлука“.
– Разбрав по извесно време дека текот на околностите мене ме доведе до ситуација јас на извесен начин со својот став да влијаам чисто аритметички на 20.000 граѓани на Македонија. Ние сме 120 секој од нас носи на душа 20.000 граѓани. Јас ако сум готов да го изодам патот на чесноста и на праведноста до крај убеден дека нешто е добро за мојот морален став, тоа е еден проблем, но проблемот да ги поведам и 20.000 луѓе ризикувајќи дека можеби грешам, не е така едоставно, рече пратеникот од СДСМ.
Мухиќ потенцираше дека легитимитетот и мандатот на овој состав и на оваа Влада е наследен и нема правен проблем. Во однос на Договорот од Преспа кажа дека тој е лош, но дека од почеток подобар не можеше да има. Пратеникот рече и дека правно е не сомнено дека немаше цензус на референдумот, но дека 1.200.000 гласачи не кажаа ништо на изјаснувањето наспроти над 600.000 илјади кои го поддржаа.
– Очигледно немаме правна основа да го отфрлиме, рече во својот говор на пленарната седница за уставните измени која продолжи попладнево.