Поради тоа што имам чест да бидам дел од оваа коалиција, нема да гласам против законот за ратификација на договорот со Грција, но мојата совест ме обврзува да бидам воздржан, рече пратеникот од парламентарното мнозинство Ферид Мухиќ, кој го оцени договорот како неправеден и спротивен на меѓународното право.
-Условот за промена на името е спротивен на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право. Ова е апсолутен преседен, бидејќи никогаш една меѓународна спогодба не содржела барање за промена на име на суверена држава. Дури, текстот за капитулацијата на Германија и Јапонија по Втората светка војна не опфаќа промена на идентитетот на граѓаните на овие поразени држави – рече Мухиќ.
Како што изјави тој, сакал да и обрне внимание на светката јавност, која, според него, со поддршката кон Грција настапила спротивно на повелбата на ООН и меѓународно право.
-Ова е флаграннто мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Повелбата на ООН и меѓународното право експлицитно потврдуваат дека некои нешта никако не може една држава да ги бара од друга. Со оваа спогодба, правото на самопределување му се ускратува на цел еден народ и на една суверена држава. Со оваа спогодба испаѓа дека сме украле нешто туѓо, сме фатени во кражба и сега му го враќаме тоа на вистинскиот сопственик – истакна пратеникот.
Притоа, тој ја цитираше германската канцеларка Ангела Мерка, според која националното достинство не може да биде предмет на никаков компромис.