Мухамед Зеќири препозна двајца од обвинетите кои го извлекле Села од останатите пратеници

by Fokus

Пратеникот Мухамед Зеќири во моментот сведочи во Кривичниот суд на судењето за обидот за убиство на Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во Парламентот.

-Кога толпата влезе во прес центарот, јас бев во галеријата. Од горе гледавме се што се случува долу. Потоа, заедно со уште неколку колешки се затворивме во кабината за превод. Се фрлаше со се и сешто кон пратениците. Меѓу повредените беше и Зијадин Села. Тој беше удрен со тап предмет, по што Села беше наведнат и крвареше. Немав прегледност да видам кој го удри Села, но предметот доаѓаше од галеријата, рече Зеќири.

Тој појасни дека видел кој го одвоил Села од другите пратеници, односно рече дека го повлекол за рака. Зеќири го препозна овој човек и со прст покажа кон обвинетиот Александар Јанески Тоста.

Зекири истакна дека на Тоста му помогнале уште двајца во извлекувањето на Села од толпата, опишувајќи ги по облеката, едниот со црно елече а другиот со качулка. Тој со црното елече е меѓу присутните обвинети, рече Зеќири, покажувајќи кон обвинетиот Сашо Сенков – Сенко.

-Кога го извлекоа Села и го однесоа под галеријата, ние веќе не можевме да видиме што се случува со него, рече Зеќири, потсетувајќи се дека лицето со фантомка бил еден од најнасилните.

Зеќири додаде дека откако Села бил извлечен на страна, салата се преполовила, и притисокот врз останатите пратеници спласнал.

-Откако веќе не го гледав Села, и не можев да видам што се случува, од новинарка добив порака со која ме прашува дали е точно дека Села е мртов. Реков дека не можам да видам. Дел од пратениците мислеле дека јас сум бил нападнат, а не Села, бидејќи и јас имам долга коса, рече Зекири.

Тој додаде дека подоцна дознал дека Села е пренесен во болница.

Бидејќи Зеќири во своето сведочење посочи дека обвинетиот Александар Јаневски Тоста го извлекол Села од останатите пратеници, адвокатот на Тоста го праша зошто во исказот даден за време на истрага пред јавниот обвинител не го спомнал Тоста, а денес го посочил?

Зеќири истакна дека стои зад сето она што денеска го кажал пред судот, појаснувајќи дека можеби во меѓувреме од дадениот исказ во обвинителството се сетил и на други детали.

В.В.

Поврзани новости