Мицкоски: Заев е како коцкар кој тоне во долгови, но добива понекогаш илјадарка на автомат

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „Република“ ги критикува економските политики на Владата и го споредува премиерот, Зоран Заев, со коцкар кој тоне во долгови. Тој вели дека ветувањата на СДСМ останале неисполнети, дека задолженоста неконтролирано расте, а политиката на Заев ја нарекува коцкарска.

-Ако е точно дека Заев е најпосветен на економијата, тогаш сигурно е најмногу посветен на сопствените бизниси, а не на економската благосостојба на граѓаните. Таму резултати нема. Улогата на Зоран Заев може да се спореди со коцкар кој тоне во долгови и концесии, кој понекогаш добива илјадарка-две на автомат, некој ќе го потчукне по рамо, но губи многу повеќе, задолжен е на сите страни – вели тој.

Во врска со преговорите за името, Мицкоски вели дека Заев призна дека е подготвен да донесе решение кое нема да му се допадне на народот, решение за кое е свесен дека ќе значи крај на неговата кариера.

-Оваа влада не е ниту економска, ниту реформска, туку ова е влада за едно прашање. Но и тука доживуваат дебакл – посочува тој.

На прашањето за криминал на владата, Мицкоски одговара:

-Јавноста ќе дознае како се поништува активен тендер за ископ на јаглен во ЕЛЕМ и наместо да се избере втората најдобра понуда, се прави нов тендер со цена повисока за еден милион евра, притоа се пропишуваат услови кои може да ги исполни само една фирма во државава, па откако ќе стане очигледно дека се фатени во тесно, прават преправање на огласот и лажат за тоа. Ќе дознае и како, во друг случај, фирмата на партиски функционер на партијата на власт добива тендери од државна институција притоа со пропишани услови кои само неговата фирма може да ги исполни. Како се прави набавка на храна во одредени установи по двојно повисоки цени за да ги добие фирма блиска до власта. Како, во четврти случај, се прават милионски набавки во четири очи во здравството за тендерите да ги добие една компанија која е во најтесни врски со директорка на една од клиниките. Како се склучуваат договори за привремени вработувања со фирми блиски до власта и ред други случаи во кои постојат основани сомневања за криминал – вели тој.

Како што вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, најголемиот бран на сомнителни договори е по укинувањето на Советот за јавни набавки што го направи оваа влада, затоа што сега, вели, никој нема контрола, што е можност во четири очи да се договараат тендерите.

-Зошто криминалот станува основната дејност на владата? Бидејќи знаат дека кратко ќе траат и наместо на работа, се фрлија на сомнителни бизниси и криминогени активности, бараат можност како може во овој кус период да се наполнат џебови и за народот ништо да не остане. Народот наместо ветениот живот доби криминален картел на власт – смета тој.

Во врска со обвиненијата за „крвавиот четврток“, Мицкоски тврди дека се врши политички терор врз неистомисленици.

-Те ги пуштаат, те не ги пуштаат од затвор, ако ги стават во Шутка, задолжително ќе ја добијат најлошата келија, ако може и кревет од железо без душек, и соба со под од песок. Нивните имиња се ставени на столбот на срамот, сакаат да го извалкаат угледот на нивните семејства. Тие 50 семејства им се таргет и секогаш кога ќе притреба да се оттргне вниманието, тогаш вадат по нешто – додава тој.

Поврзани новости