Му ја укинале социјалната помош поради приход од 255 денари, па морал да врати 70.950 денари

by fokus

Граѓанин останал без социјалната помош откако Центар за социјални работи одлучил да му ја укине поради приход кој го остварил, а кој бил во износ од само 255 денари. Да биде уште посурово граѓанинот морал да ги врати и средствата од социјална помош што ги добивал откако го остварил овој приход од 255 денари. Поконкретно со одлука на Центарот за социјални работи корисникот на социјална помош морал да врати во буџетот 70.950 денари.

Ова го обелодени народниот правобранител во новиот годишен извештај за 2018 година. Според народниот правобранител во овој случај Центарот за социјални работи донел одлука на штета на корисникот, без при тоа да провери дали приходот кој го добил е износ со кој може да се промени неговата материјална состојба.

„Несомнено е дека странките се должни да ги пријават сите промени во материјалната состојба и да ги почитуваат законски предвидените обврски. Но, исто така, при одлучувањето на надлежниот орган за престанок на право кое е од егзистенцијално значење треба да се настојува целосно и правилно да се утврди дали лицето чие право треба да престане  со донесување на определен акт е изложен на социјален ризик или не е, при што да се води сметка и за висината на остварениот, а непријавен приход, односно дали со ваквиот приход подносителот повеќе не е изложен на социјален ризик“, стои во извештајот.

Ова, според Народниот правобранител, е негативна пракса која мора да се промени. Од канцеларијата на омбудсманот укажуваат на донесените измени во Законот за социјална заштита, кои беа изгласани во Собранието во 2017 година. Според овие измени на корисникот на социјална помош му престанува правото само ако непријавениот приход влијае на неговата материјална состојба.

Не е потребно да се укаже дека приход од 255 денари не може да ја промени финансиската состојба на семејството кое поради тоа останало без социјалната помош.

„Народниот правобранител, укажувајќи им на центрите за социјална работа за горенаведеното, ги потсетуваше на обврската за грижа за социјалната заштита на граѓаните, согласно со начелото на социјална праведност. Иронијата да е поголема граѓаните се задолжуваа да вратат средства кои ги примиле како социјална помош од денот кога е евидентиран приемот на средства на име приход, па така иронични, но и загрижувачки се случаите, како примерот кога граѓанин за приход од 255,00 денари бил задолжен да врати средства во износ од 70.950,00 денари“, стои во извештајот на народниот правобранител.

И покрај тоа што народниот правобранител се вклучил во жалбената постапката, сепак Министерството за труд и социјална политика донело негативна одлука во овој случај, па граѓанинот не само што останал без помошта од државата, туку морал и да ги врати средствата.

Во извештајот омбудсманот констатира дека социјалната заштита и висината на помошта која ја добиваат корисниците е далеку од реалните потреби и не придонесува за надминување на социјалниот ризик и сиромаштијата кај овие лица и семејства.

Центрите за социјална работа, пак, не се доволно кадровски екипирани и имаат проблеми со техничка опременост, поради што потешко и со пролонгирање ги вршат посетите т.е. увидите како еден од начините на утврдување на фактичката состојба на семејството во ризик.

„Како последица на ваквите услови, доцнеше и донесувањето одлуки по барањата на социјална заштита, па граѓаните повеќе од два месеца чекаа одлука дали им се признава или не определено право“, посочуваат од таму.

М.В.

Поврзани новости