Разрешена ,,мистеријата” за фризурата на Бујар Османи: Не сум пресадил коса, до берберот е!

by fokus

Веќе неколку месеци наназад во медиумите и на социјалните мрежи е актуелна веста дека вицепремиерот Бујар Османи најверојатно бил на пресадување на коса, естетски зафат кој што станува се популарен кај нас.

Фотографии од заменик – претседателот на Владата, од типот пред и потоа, каде се прават споредби со неговата постара фризура и со сегашната редовно можат да се видат на социјалните мрежи. И додека едни тврдат дека Османи пресадил коса, други дека носи надградба или пак перика, „Фокус” реши да ја открие „мистеријата” и лично поразговара со вицепремиерот на темата.

Отворен за соработка на било која тема, без предрасуди, тој вели дека нема никакви комплекси околу својата фризура, ниту пак гледа причина зошто не би разговарал за новиот имиџ, кој очигледно го разбуди интересот на јавноста и стана доста коментирана вест. Делумно поради тоа што Османи, како и повеќето политичари секојдневно е присутен пред јавноста и секоја промена е забележителна, но делумно и поради тоа проретчувањето на косата е нешто кое го неретко мачи посилниот пол и многумина се интересираат како можат да си го решат проблемот.

-Не станува збор за пресадување на коса, иако кога би имал можност, би сакал – се смее вицепремиерот. Открива дека промената се должи единствено на новиот бербер и бил презадоволен од неговата работа.

-Имам нов бербер, од Скопје е, задоволен сум од тоа како ми ја средува косата. Станува збор за едноставна работа, единствено косата ми е пуштена подолго, значи потпорасната. Немам комплекси за косата, само новиот бербер се докажа како многу вешт – раскажува Османи.

Проблемот со проретчената коса кај посилниот пол отсекогаш бил актуелен, но повеќе не е табу тема кај нас. Се повеќе мажи решаваат да прозборат јавно дека опаѓањето на косата тешко им паднало и барале начин да си го вратат стариот изглед. Методата за пресадување на коса, односно трансплантација е еден од зафатите кој е се попопуларен на нашите простори и годишно стотици мажи подлегнуваат на истиот.

Се врши на наши познати клиники, но и во Турција каде се нудат пакет услуги, од сместување во хотел, пресадување на коса, па се до постоперативна нега. Од позната клиника во Истанбул ни изјавија дека интересот на македонците за операцијата во последните неколку години е се поголем. За пресадување на околу 4.000 влакна, со хотелско сместување од три ноќи, како и постоперативна нега и потребната козметика која што пациентите треба да ја користат по зафатот, наплаќале околу 2.000 евра, слично како и кај нас.

Доколку пациентот сакал погуста коса и во зависност од степенот на ќелавост, цените можеле да се движат и до 3.000 евра. Сепак, голем број на мажи се решиле да ја направат операцијата токму во Турција, бидејќи, како што откриваат, таму лекарите се со долгогодишно искуство, секојдневно имаат голем број на пациенти, а и изборот на клиники бил доста голем.

Само во Истанбул имало околу 370 клиники во кои што се пресадува коса. На оние кои сакаат изглед на погуста коса, а не се доволно решителни да заминат на пресадување на коса, очигледно им преостанува да го пронајдат вистинскиот бербер за нив, кој ќе успее со мали трикови да им го даде посакуваниот изглед.

Вики Клинчарова

Поврзани новости