Како реакција на денешната прес конференција на Даниела Рангелова од ВМРО ДПМНЕ, за наводен прогон на вработени во администрацијата, Министерството за труд и социјална политика ги споделува со јавноста следниве факти:
Поранешната директорка на Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје, Ристена Атанасова, не e разрешена, туку на 16.07.2017 година ѝ е истечен 6 месечниот, незаконски продолжен мандат како в.д. директорка.
Имено, по два четиригодишни мандати, Атанасова воопшто немала право повторно да биде номинирана за извршување на функцијата директор, согласно Законот за работни односи. Но, и покрај оваа законска пречка, таа добила в.д. мандат и договор на 6 месеци, кој истекол на 16 јули 2017 година.
Министерството за труд и социјална политика смета дека е од јавен интерес да се знаат и неколку дополнителни информации во однос на работата на Атанасова:
– Поранешната директорка, без никаков законски основ ги додавала сите можни надоместоци (полноќна работа, празнични денови…) на основицата на нејзината плата, и на тој начин си исплаќала самата на себе си и до 50.000 денари.
– За време на техничката влада, Атанасова е разрешена од тогашната министерка Фросина Ременски, по основ недоставување на извештај за финансиско материјално работење на Домот „11 Октомври“, што е законска обврска на директорката.
– Поранешната директорка Атанасова набавувала скапи телефонски апарати, при што дел од трошоците паѓале на товар на Домот „11 Октомври“.
– Во финансиската служба на Домот, исто така се евидентирани нејасни фактури и тоа за набавка на алкохолни пијалоци во висина од 12.000 деенари, како и за набавка на рачни часовници во висина од 30.000 денари. И, двете набавки се нејасни и допрва ќе се разгледува нивната оправданост.