Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во Предлог- законот за социјална заштита којшто е во завршна фаза на подготовка не ги крати, туку ги унапредува правата на лицата со попреченост. При подготовката направени се конултации со засегнатите страни и е разговарано со здруженијата на лица со попреченост, самите лица со попреченост, како и со родителите на децата со попреченост и земени се во предвид нивните барања и сугестии, порачуваат од Министерството.
Нагласуваат дека лицата со попреченост ќе продолжат да го остваруваат правото на надоместок за помош и нега од друго лице, заедно со второто право, односно правото за попреченост.
-Се воведуваат две нови услуги во Законот , односно услугата за Лична асистенција и услугата Домашна нега. Овие две услуги ќе може да се користат без разлика дали лицето користи некое од паричните права споменати погоре. Правото за попреченост кое досега го користеа само лицата со телесна попреченост, потполно слепите и потполно глувите лица, со новиот Закон ќе можат да го користат и лицата со интелектуална попреченост, велат од МТСП.
Додаваат дека се зголемува и висината на надоместокот на плата за скратено работно време поради нега на дете со попреченост и се покачува на 50 отсто од просечна нето плата во државата.
– Висината на Гарантираната минимална помош се зголемува за 0,5 отсто за првиот член, ако е лице со попреченост, односно за 0,2 отсто за секое следно лице со попреченост во семејството, но најмногу за три члена. На овој начин се добива поголем износ на средства. Се проширува и правото на траен надоместок за самохран родител кој се грижел за дете со попреченост. Со новиот Закон правото ќе важи за сите родители, не само за самохраните, посочуваат од МТСП.
Правото на траен надоместок,појаснуваат, го остварува родител кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, без тоа да биде сместено во установа за социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж.
-Се воведува нова услуга за одмена на семејна грижа, која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмена, одмор и задоволување на лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив. Ќе се зајакнува услугата за самостојно живеење со поддршка. Се воведуваат нови форми на згрижување , како што се привременото згрижување и роднинското згрижување, потенцираат од МТСП.
Сите овие новини,посочуваат, значително ќе ги зголемат правата на лицата со попречност, ќе се зголеми обемот на услуги до коишто ќе имаат пристап, ќе се преземат сериозни активности и ќе се вложат зголемени финансиски средства во индивидуалните услуги кои ќе овозможат независен и живот на лицата во нивното место на живеење и нивно поголемо социјално вклучување.