Министерството за труд и социјална политика попладнево соопшти дека откако ќе биде доставена иницијативата на Народниот Правобранител за измени на Законот за заштита на децата, ќе биде внимателно разгледана. Иницијативата се уште не е доставена до министерството.
Народниот правобранител изрази загриженост дека постои нееднаквост и правна несигурност, бидејќи само мајката, а не и таткото, може да го оствари правото за надоместокот на трето дете и побара измени во Законот за заштита на децата.
„Сакаме да ја известиме јавноста дека на почетокот на идната недела министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе оствари средба со народниот правобранител Иџет Мемети на која што ќе се разговара на повеќе теми и прашања и веројатно ќе стане збор и за оваа Иницијатива за која откако ќе биде разгледана Министерството за труд и социјална политика ќе се произнесе и ќе заземе став“, се наведува во соопштението.
Од Министерството посочуваат дека се отворени за сите иницијативи од институции, поединци и здруженија на граѓани и оти секоја иницијатива што е од интерес за граѓаните ќе се разгледува.