МРТ се оградува од упадот на обезбедувањето во Канал 103

by Фокус

Македонската радио телевизија (МРТ) најостро ги демантираше тврдењата во јавноста дека направила упад во програмата на радиото Канал 103.

– Радиото Канал 103 емитува програма од објектот на Македонската радио телевизија и МРТ нема никаква формална, организациска и програмска допирна точка со истото. Оттаму, уште еднаш се оградуваме од вчерашниот настан. Ниту МРТ, како институција, ниту некој нејзин вработен е дел од истото случување, велат од службата за информирање на јавниот сервис.

Реакцијата на МРТ следува по објавувањето на информацијата дека обезбедувањето на зградата на Македонската радиотелевизија вчера вечерта упаднало во емисија на независното музичко радио Канал 103, кое емитува програма од овој објект, и го легитимираше водителот.

Лицата од обезбедувањето, според тврдењето на Стојанче Ангелов, не му дозволиле ниту нему  да биде гостин во програмата на Канал 103.

Агенцијата за обезбедување „Бранител“, која ја чува зградата на Македонската радио-телевизија, како и МРТ, ги отфрли тврдењата дека нивни вработен направил упад во радиото Канал 103.

– Вчера по барање на наш вработен, којшто беше на смена во МРТ, лицето од радиото 103 да покаже документ за идентификација, истото одговорило дека личната карта му е во студио. Нашиот службеник заедно со лицето се качиле во студиото. Лицето по влегувањето во студиото веднаш почнало со емисијата, игнорирајќи го присуството на нашиот службеник. И по поминување на 15 минути и љубезно чекање од страна на нашиот вработен истото лице не давало документ за идентификација. По сето ова, службеникот од нашата агенција согласно стандардната процедура го замолил да дојде со него до пријавницата за да го заведе во книгата за посетители и да си продолжи со реализацијата на емисијата. Сакаме да информираме дека ова е стандардна процедура за сите лица кои не се вработени во МРТ, а ги користат просториите за најразлични програмски цели, изјавиле за НОВА од агенцијата која 24 часа ги обезбедува објектите на Македонската радио-телевизија.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) утрово реагираше дека е запрепастен и згрозен од упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на Канал 103 во МРТВ.

Ангелов преку, пак, преку својот фејсбук-профил повика на собир пред Македонската радио-телевизија денеска во 12 часот.

Поврзани новости