Македонската православна црква – Охридска архиепископија донесе одлука да формира солидарен фонд, во кој со свои финансии ќе учествува клирот на Црквата, храмовите, манастирите и епархиските центри, а собраните средства соодветно ќе бидат распределени за настраданите во поплавите.
Од МПЦ-ОА ги повикуваат граѓаните и компаниите, согласно можностите, да донираат и продукти за готвење во црковната кујна при храмот „Свети апостоли Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, бидејќи во оваа кујна ќе се подготвуваат и оброци за настраданите, кои ќе бидат дистрибуирани во текот на денот.
Од Црквата информираат дека ја разгледале состојбата во поплавените делови на Град Скопје и низ државата, па од таму заклучиле оти состојбата бара уште многу вложување на труд, сили и финансиски средства, особено во втората фаза од справувањето со последиците од невремето.