Од Општина Карпош ги демантираат информациите за наводно воведување на зонско паркирање низ целата територија на Карпош. Од таму додаваат дека сепак има проблематични локации, каде се создава сообраќаен метеж, кој го попречува паркирањето на жителите.
Како „тесни грла“ од Општината ги посочуваат потегот долж улицата Рузвелтова (која што е неформална граница меѓу Општина Центар и Општина Карпош), како и опфатот околу ТЦ Сити мол.
„Жителите на Карпош од зградите, но и од околните куќи на овие локации, имаат реален проблем со паркирањето поради фактот што возила од Општина Центар и други посетители ги паркираат своите возила на паркинзите наменети за станарите на Карпош, кои се бесплатни. Поради ваквиот реален проблем граѓаните на Карпош од споменатите делови сé повеќе го актуелизираат прашањето за поставување некакви ограничувања на паркирањето од другите општини“, велат од таму.
До Општина Карпош жителите од овие локации неколку пати поднеле иницијатива до градоначалникот, за воведување на зонско паркирање токму на посочените делови.
„Локалната самоуправа останува на ставот дека во Карпош нема потреба од воведување на зонско паркирање на целата територија на Општината. Она што можеме како локална власт е да ги разгледаме иницијативите, да ја согледаме нивната оправданост и да изнајдеме најсоодветно решение. Дали на тие потези ќе има зонско паркирање може да решат само мнозинството од жителите на овие делови од Карпош кои се соочуваат со проблемот, откако претходно тие сознанија ќе бидат добиени со спроведување на анкета и непосредно изјаснување. Но, никако со “декрет” или наметнато решение од Општина Карпош или како дел од програмите на Град Скопје“, истакнуваат од Општина Карпош“, појаснуваат од Општината.