Можно е да биде покренато обвинение за минатонеделното пукање на снимањето на филмот „Rust“ во Ново Мексико, кога актерот Алек Болдвин ја уби директорката на фотографија Халина Хачинс и го рани режисерот на филмот Џоел Суза, соопшти американската полицијата.
-Сите опции се на маса. Никој не е исклучен од кривичен прогон во овој момент, изјави окружната обвинителка Мери Кармак-Олтвис за можното обвинениe, пренесува Би-би-си.
Инспекторите соопштија и дека имало „некои пропусти“ кога станува збор за безбедноста за време на снимањето.
Презентирајќи ги првите наоди од истрагата, окружниот шериф на Санта Фе, Адан Мендоза, рече дека се сомневаат дека на снимањето имало повеќе вистински куршуми.
-Мислам дека фактите се јасни – оружјето му е предадено на господинот Болдвин. Оружјето беше функционално и беше испукан вистински куршум, кој ја уби г-ѓа Хачинс и го рани г-дин Суза, рече тој.
Мендоза, исто така, потврди дека две лица, помошникот директор Дејв Халс и одговорната за оружјето Хана Гутереш-Рид, ракувале со пиштол „колт 45“ пред Болдвин да го испука смртоносниот истрел.
Според истражните документи објавени вчера, Халс им рекол на истражителите дека не ги проверил сите куршуми во пиштолот пред да му го предаде на актерот, но дека сметал оти е безбеден.