Искусни обвинители, адвокати и правни експерти побараа да се спроведе кривична истрага за да се утврди дали претседателот Доналд Трамп ги прекршил законите за изборни измами, кога во саботата побара од владините претставници во Џорџија да „пронајдат“ 11.870 гласови, со што изборниот резултат во сојузната држава би бил во негова корист, јави Си-Ен-Ен.
Иако кривична постапка против актуелниот претседател не би била едноставна, претставниците во Џорџија истакнуваат дека државата разгледува спроведување на сериозна истрага и оти случајот е проследен до Федералното истражно биро (ФБИ).
Си-Ен-Ен наведува дека е можна истрага, но оти друга работа е докажувањето на намерата на Трамп да стори кривично дело. Трамп најверојатно би се соочил со поротата доколку биде обвинет, а обвинителите ќе мора да докажат што точно мислел со телефонскиот повик.
Новоизбраниот претседател Џо Бајден навести дека сака земјата да тргне напред, а не да се задржува на скандалите од времето на мандатот на Трамп, како и оти одлуката ја препушта на Министерството за правда. Доколку биде покрената постапка, може да потрае случајот против Трамп.
– Во случај тој навистина да победи на изборите со измама, докажувањето на неговата намера би можело да биде тешка задача за обвинителството, посочува Си-Ен-Ен.