За жал, определбата за приклучување кон Европската Унија кај опозицијата е само на хартија, бидејќи на дело не се покажува. Што впрочем беше посочено и во последниот извештај на ЕУ, каде што посочија кон ВМРО-ДПМНЕ како еден од главните општествени кочничари на интегративниот процес
Пишува: Фатмир БИТИЌИ
МОЖЕШЕ во Собранието да се изгласа заемот од ЕБОР од 100 милиони евра, кој имаше намена за одржување на ликвидноста на државниот производител на електрична енергија, ЕСМ, што во оваа криза не треба да потенцираме колку е важно.
МОЖЕШЕ сега да го користиме овој поволен заем од ЕБОР, со камата под 1 отсто, шест месеци грејс период и шест години рок на отплата да имаме јасен, предвидлив и одржлив план.
Mожеше, но за жал – нема.
Опозицијата не го изгласа во Собранието. Кочејќи го, ја загрози стабилноста во производството и снабдувањето со електрична енергија за нашите граѓани.
Граѓаните ќе бидат обезбедени, но за тоа сега државата треба да прави дополнителни пренамени со кои ќе се сервисираат потребите на ЕСМ за секојдневно работење.
КАПРИЦ И БЕЗИДЕЈНОСТ
МОЖЕШЕ досега да почне со имплементација современиот систем за јавен транспорт во Скопје, т.н. БРТ (Бус рапид транспорт), кој ќе значи долгорочно решавање на проблемот со сообраќајот, и во голем дел, загадувањето во нашиот главен град.
Можеше, но, за жал, не е.
На веќе готов проект и одобрени средства од ЕБОР, одлуката на градоначалничката на Скопје за блокирање на овој проект е повеќе од неразумна. Не може човек, а да не каже дека се работи за личен каприц и немање идеја за развојот на градот.
МОЖЕШЕ да биде почната работата за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Проект чија реализација ја чекаме со години. На потпишан договор, изгласан закон за задолжување, овој проект веќе можеше да биде почнат.
Можеше, но, за жал, не е.
Наместо тоа, следиме повеќемесечна недолична расправа, која го урива достоинството и на медиумската дискусија, како и несоодветни расправи во Советот на Град Скопје со меѓусебни обвинувања меѓу членови на Советот во град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката.
МОЖЕМЕ и имаме обврска и одговорност сите да работиме за граѓаните.
Можеме, но, за жал, кај опозицијата тоа не е приоритет.
ГЛАВЕН КОЧНИЧАР
Затоа, само поради овие три работи што ги набројав, нашиот граѓанин секое утро издвојува 2 до 3 пати повеќе време да стигне на работното место, да ги однесе децата до училиште, до градинка…
Отпадните фекални води од цело Скопје, кои и ден денес целосно се влеваат во Вардар, продолжуваат по своето течение до границата со Грција и сѐ до вливот во Егејско Море, без притоа да бидат прочистени на излезот од Скопје, според сите стандарди за заштита на животната средина, како во секој поголем град во Европската Унија.
За жал, определбата за приклучување кон Европската Унија кај опозицијата е само на хартија, бидејќи на дело не се покажува. Што впрочем беше посочено и во последниот извештај на ЕУ, каде што посочија кон ВМРО-ДПМНЕ како еден од главните општествени кочничари на интегративниот процес.
Или опозицијата е главен кочничар на подобар живот на сите нас, модерен систем за јавен превоз, пречистителна станица по сите светски стандарди, стабилност на електроенергетскиот систем преку кредитите од ЕБОР, кои не се наменети, ниту за СДСМ, ниту за ДПМНЕ, ниту за некој поединец, затоа што нивната намена е за подобар живот за сите наши граѓани во нашата држава.
МОЖЕШЕ и ПЕМ ратификацијата да се случи и пред први јули, но само доколку разумот, разбирањето на проблемите на бизнисот и животот на граѓаните беа на прво место.
Можеше, но, за жал, не се случи.
Со новите транзициски преференцијални правила, нашите компании можеше да не ја губат својата конкурентност во изминативе четири месеци, ниту, пак, дел од нив да се двоумат дали да продолжат со своите инвестициски планови, кои значат нови вработувања и подобар живот за сите нас.
Можеше, но, за жал, разумот не преовлада.
(Авторот е потпретседател на СДСМ)