Можеби немаме генерал-жена, но ја имаме Шекеринска за министер за одбрана, рече Ременски

by fokus

Ќе бев многу посреќна ако денеска тука промовиравме генерал-жена, можеби да испомовираме женска единица за специјални задачи, рече потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски, на трибината на тема „Родова перспектива во одбраната”, организирана по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Сепак, додаде таа, направени се чекори напред и пробиени се бариери, а како доказ за тоа ја посочи министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во АРМ, пак, бројот на жени не е на задоволително ниво, рече Шекеринска. Нагласи дека бројот на офицерки во АРМ се зголемува, но не доволно брзо и додаде оти е уверена дека наскоро ќе има подобрување на ова поле.

– Ако се откажете од 50 проценти од своето население, со образложение дека таму едноставно не треба да има амбиции, сте се откажале од потенцијално добри офицери, подофицери, војници. Анализите на НАТО во одреден дел од мисиите покажуваат дека има одредени предности, кои ги имаат жените, полесно можат да остварат контакт со локалното население, на пример со жените во некое авганистанско село – посочи Шекеринска.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска посочи дека не може да имаме ефикасен систем за одбрана ако половина од населението не е во тој систем.

– Не смееме да заборавиме дека од социјален аспект жените се уште се користат како масовно оружје и злоупотребата врз жените се користи како воена тактика. Тоа е она за кое зборува оваа резолиција. Ако има повеќе од 50 отсто вклучени жении во мисиите нема да има толку сексуално насилство, рече Царовска.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи истакна дека од проценката на состојбата на жените во едно општество може да се направи проекција за можноста за избувнување на конфликт, односно војна.

– Колку е поголема неинклузивноста или насилството врз жените, толку е поголем потенцијалот во една држава да се случи насилство, рече тој.

 

Поврзани новости