781
Според последните настани, најверојатно во редовите на ВМРО се владеат според мотото „Водете љубов, а не битки за револуција“, па кај неколкумина челници во партијата за само неколку дена пристигнаа вести за принови и свадба.
Очигледно дека ниту објавувањето на бомбите и настаните кои што ги предизвика нивното објавување, ниту секојдневните протести на активистите на Шарената револуција, немаат поголемо влијание врз приватниот, односно љубовниот живот на дел од челните луѓе на владеачката партија ВМРО. Дури напротив, во периодов кога широките народни маси секојдневно протестираат и владее напната ситуација, од врвните членови на партијата постојано пристигаат убави вести.
Имено, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески доби трето дете, син кој што го крстиле Александар. Ова е трет син за Миле и неговата сопруга Сања, а кога пред три години го доби вториот син, изјавуваше дека сигурно ќе оди на трето, бидејќи сака ќерка.
Набргу по веста за приновата кај Јанакиески, пратеникот Влатко Ѓорчев обелодени дека наскоро по четврти пат ќе стане татко и со сопругата Сузана чекаат ќерка. Тие веќе имаат една ќерка и два сина кои што се возраст од шест, четири и две години.
И кај поранешниот министер за надворешни работи, а денес пратеник Антонио Милошоски се случуваат убави нешта на приватно поле. Деновиве неколку медиуми ја објавија веста дека тој по втор пат застанал на лудиот камен и минатата недела направил свадба во Скопје, на која што присуствувале негови пријатели, роднини и сопартијци. Тој одби да коментира околу церемонијата и да ни открие која е фамозната невеста со која што застана пред олтарот. Инаку, со првата сопруга Марија го има синот Давид.
Паралелно со убавите настани од приватниот живот, споменатите политичари деновиве се актуелни и на други теми во јавноста. Миле Јанакиески е еден од политичарите осомничени за криминал против кого што претседателот Иванов ја повлече аболицијата, а пак Влатко Ѓорчев се најде во центарот на вниманието кога деновиве од страна на Рената Јајоска, член на Извршниот одбор на СДСМ, беше изјавено дека неговата сопруга Сузана месечно добивала хонорар од 1.200 евра кој што не бил пријавен во Анкетниот лист. За Милошоски одредени медиуми објавија дека наводно има бугарски пасош, и покрај тоа што во јавноста важи за голем патриот и насекаде со себе го носи знамето до Кутлеш.