Граѓанската организација „МОСТ“ го објави првиот периодичен извештај од набљудувањето на изборите кој се однесува за периодот од 15 октомври до 20 ноември. Во овој период регистрирани се следниве нерегуларности:
„Непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата – 43 случаи во 26 општини, односно присуство на фукционери и вработени во јавниот сектор на партиски настани во работно време и промовирање на политичари или политички партии на настани организирани од јавни институции;
Притисоци врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи на владејачката партија – 41 случај во 26 општини;
Притисоци за гласање или обезбедување гласачи за владејачката партија – 7 случаи во 5 општини;
Злоупотреба на јавни ресурси, односно употреба на службени возила за партиски цели – 7 случаи во 6 општини.
„Исто така загрижуваат случаите на противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори. Имено, регистриран е 1 случај на започнување со изградба на објект финансиран со јавни средства и 9 случаи на одржување на јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства. Според член 8-а од Изборниот законик, од денот на распишувањето на изборите до изборот на Владата на Република Македонија не може да се започне изградба на објекти финансирани со јавни средства кои не се предвидени со програма. Во периодот од 20 дена пред започнувањето на изборната кампања, па до изборот на Владата на Република Македонија не може да се одржуваат јавни настани по повод започнувањето на изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства, велат од „МОСТ“.
Од граѓанската организација напоменуваат дека овие случаи содржат индиции за сторени кривични дела и, доколку се докажат, според Кривичниот законик за нив е предвидена казна затвор во траење од 6 месеци до 1 година.
Што се однесува до работата на изборната администрација, МОСТ го набљудувал дополнувањето на составот на избирачките одбори од страна на општинските изборни комисии, при што кај 13 од 25 набљудувани комисии било забележано непочитување на принципот на случаен избор на членовите на ИО.
Како позитивно МОСТ го оценува тоа што ДИК донесе ново Упатство за важечко и неважечко ливче, со кое само заокружувањето ќе се смета за важечки начин на обележување, а останатите начини на обележување ќе се сметаат за неважечки.