Во периодот од први јули до 30 септември годинава, во Собранието во тек беа вкупно 49 постапки за донесување или изменување на закони, при што 32 закони се донесени, за 13 закони постапката се уште е во тек, додека 3 закони се неприфатливи и еден е повлечен, покажува шестиот извештај на МОСТ од набљудувањето на работата на Собранието.
„Во овој период, Владата и пратениците предложиле речиси ист број на донесените закони, со таа разлика што поголемиот број на закони предложени од Владата се донесени по редовна постапка (11 од 12), додека пак од донесените 13 закони предложени од пратеници, 12 се донесени по скратена постапка. Соодносот и постапката во која се донесени законите ги одразува поголемиот капацитет и експертиза на Владата што се потребни за подготовка на обемни и сложени законски решенија што се донесуваат по редовна постапка. 12 закони (48 отсто) се донесени во редовна постапка, 11 закони (44 отсто) по скратена постапка, а 2 закони се донесени по скратена постапка за хармонизација со други закони или за одложување на примената на одредени одредби. Процентот на закони донесени во редовна постапка е намален во однос на претходниот мониторинг период“, се наведува во заклучоците од извештајот на МОСТ.
Во мониторинг периодот, стои во извештајот, три закони (Закон за возила, Закон за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија и Закон за здравствената заштита) се изменувани повеќе пати, а куриозитет е Законот за возила, кој е изменет два пати во ист ден, со тоа што едната измена се однесува на усогласување со друг закон.