МОСТ: Притисоци врз јавната администрација, злоупотреба на државни ресурси

by Фокус

Набљудувањето на Мост  во предизборието опфаќа неколку сегменти како што е политичкиот контекст, вклучувајќи го исплаќањето на субвенции, меѓуетничките односи, активностите на политичките партии, централната и локалната власт и злоупотребата на државни ресурси и администрацијата, како и притисоците врз вработените во администрацијата, граѓаните, младите и злоупотребата на деца во политички цели. Набљудувачите на МОСТ се распоредени во сите 80 општини низ Македонија и ги следат јавните настани организирани од страна на политичките партии, но и промотивните активности на јавните институции. Од досега добиените и обработени 1.041 извештај, МОСТ дојде до следните заклучоци:

-Ја поздравуваме инструкцијата дадена од претседателот на владата за спроведување на изборите до носителите на државни и јавни функции со која тој ги повикува да не дозволат нивните активности или работа да бидат сфатени како потенцијален притисок или заплашување на гласачите. Сепак, нашите информации укажуваат дека во најмалку 4 општини вработените во администрацијата добиле инструкции да подготват списоци на потенцијални гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Укажуваме дека ваквата практика претставува прекршување на член 160 од Кривичниот законик (КЗ), повреда на слободата на определување на избирачите. Дополнително, во три општини е забележан притисок врз вработените во администрацијата да посетуваат партиски митинзи. Исто така, забележани се три случаи на вршење на анкети на пензионери од страна на ВМРО-ДПМНЕ, при што во еден од случаите забележан е список со пензионери со лого од Министерството за труд и социјална политика.

Забележана е употреба на службени возила за партиски цели. Оваа практика е во спротивност со член 356 од КЗ, член 25 од Законот за спречување на корупцијата, како и член 28 од Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). При организирањето на своите активности, некои од политичките партии ги користат салите во рамките на домовите за култура и други јавни установи. Напоменуваме дека доколку за оваа услуга не е испорачана фактура, тоа претставува прекршување на член 20 од Законот за финансирање на политички партии каде што експлицитно е наведено дека јавни установи не може да донираат за политички партии, а како донација се смета и бесплатното давање на услуги.

МОСТ ги набљудуваше и промотивните настани организирани од државните и јавните институции при што е забележано дека претставници од сите политички партии во Владата за спроведување на изборите не го почитуваат принципот на одвоеност на државата и партијата при обраќањето на овие настани, односно ги промовираат своите партиски програми.

Што се однесува до настапите на носителите на јавни функции на партиски настани, иако поголем дел од партиските активности се случуваат по завршувањето на работното време, сепак има случаи кога функционерите ги посетувале овие настани во текот на работното време.

Имајќи предвид дека во претстојниот период Државната изборна комисија е задолжена да го  прочисти Избирачкиот список, нејзината работа е многу важна и од неа делумно зависи и одржувањето на изборите на 24 април. Сепак, иако во Изборниот законик експлицитно е наведено дека седниците на ДИК се јавни, ДИК ја продолжува практиката дел од своите седници да ги одржува без присуство на медиумите и јавноста. Напоменуваме дека сите процеси поврзани со имплементацијата на Договорот од Пржино мора да бидат максимално транспарентни. Недозволиво е ДИК својата работа да ја врши далеку од очите на јавноста, на т.н. работни состаноци, а институтот официјална седница да биде шарада за јавноста на којашто членовите на ДИК само ги потврдуваат веќе донесените одлуки.

Што се однесува до исплатата на субвенции, според заклучоците од извештајот на Центарот за економски анализи, исплати од програмата за 2014 година се вршени по истекот на законски утврдениот рок 30.06.2015 г. Во периодот од јули до ноември 2015 година исплатени се вкупно 737,21 милиони денари по истекот на законскиот рок, односно скоро 12 милиони евра.

МКЦ-Битола ја набљудува имплементацијата на Законот за трансформација во редовен работен однос, при што заклучно со 30.11.2015 на 5.141 лице им е трансформиран работниот однос на неопределено време. Иако беше побарана и структура на овие вработувања по институции и по општини, Министерството за финансии одговори дека согласно Законот не постои обврска за водење на ваква евиденција/регистар.

Во однос на мониторингот на злоупотребата на деца во политички цели, заклучокот од анализата на Меѓаши е дека во досегашните регистрирани случаи нема основан сомнеж кој може да се поткрепи со докази за злоупотреба на деца во политички цели. Меѓаши апелира до политичките партии, нивните членови, надлежните институции и родителите да се воздржат од какво било вклучување на деца во активности поврзани со политичките партии.

Во текот на набљудуваниот период не беа забележани инциденти од меѓуетнички карактер, меѓутоа во печатените и електронските медиуми главно беа детектирани неколку случаи на говор на омраза, употреба на дискриминаторски и стереотипизирачки говор на етничка основа, негативен говор насочен кон поединци/групи кој е во спротивност со поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло, како и демонизација на одредени политички актери.

 

Поврзани новости