Во организација на Граѓанска асоцијација МОСТ денес се одржа конференција на тема „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“, на која учествуваше и новиот собраниски спикер, Талат Џафери.
Целта на настанот беше да се дискутира за улогата и функционирањето на Собранието како највисок орган кој воедно ги донесува и законите. На конференцијата се разговараше за транспарентноста и одговорноста на Собранието, работата на комисиите и механизмите за учество на засегнатите страни.
На настанот освен Џафери присуствуваа поранешни и сегашни пратеници во Собранието на РМ, претставници на меѓународната заедница, како и претставници на институции и граѓанскиот сектор.
Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека враќањето во една нормална општествена состојба која подразбира почитување на принципите на парламентарната демократија, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, како индивидуални, така и колективни, па сè до слободата на говорот, нема да се случи преку ноќ.
„Тоа е процес кој ќе трае подолг период“, рече тој. Џафери вети дека како претседател и Собранието како институција секогаш ќе биде отворено за иницијативите на граѓанското општество, предлози и сè друго што ќе биде во функција на јакнењето на парламентарната демократија и парламентаризмот во Република Македонија.
Универзитетската професорка, Беса Арифи посочи дека: „учеството на граѓаните и граѓанските организации во донесувањето на законите е многу важно, а еден од механизмите за тоа се и граѓанските иницијативи за донесување на закони.“
Директорот на НДИ, Крис Хеншоу, истакна дека има повеќе предизвици за напредок, но исто така дека Собранието има огромна можност за да ја подобри својата работа.
Сите учесници ја посочија заедничката желба новиот парламентарен состав да ја врати парламентарната демократија во Македонија, и дека Собранието д стане поодговорно и потранспарентно, како и поотворено кон јавноста и засегнатите страни.
На конференцијата беа презентирани и резултатите од извештајот за Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ, подготвен од страна на МОСТ во рамките на проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“, за работата на Собранието во 2016 година.
Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“, кој граѓанската асоцијација МОСТ го имплементира од јули 2016 до март 2018, а е поддржан од страна на Британската амбасада Скопје.
Во рамките на проектот ќе се подготвуваат периодични извештаи кои ќе претставуваат сублимат на резултатите од мониторингот на Собранието и ќе ја информираат јавноста, медиумите и граѓанските организации за работата на пратениците, како и за начинот на кој Собранието ја извршува својата улога регулирана со Уставот.
Извештаите се објавуваат на веб-страницата otvorenosobranie.mk која содржи и дополнителни информации и податоци за работата на Собранието.