Москва ги заплашува Македонците со американски планови за Голема Албанија, извештај за новите планови на Русија на Балканот

by Fokus

Европскиот совет за надворешни работи објави извештај насловен како „Дали Западен Балкан се соочува со руска бура?“, во кој се предупредува дека Москва и оваа година ќе продолжи со нејзината пропаганда за кочење на односите на Западот со Балканот. Во извештајот се наведува дека новиот план на Русија за регионот, најверојатно ќе се базира на три класични стратегии – Раздели, па владеј, придобивање на елитите и искористување на нереалните очекувања, пишува „Радио Слободна Европа“.

Стратегија 1 – Раздели, па владеј

Во прилог на првата стратегија на Русија – Раздели, па владеј – е фактот дека историските, етничките и економските ривалства на Балканот постоеле од секогаш – од поделбата на Босна на три страни, преку заострените односи на Косово и Србија, до „повремените немири“ на дел од албанското етничко население во Македонија.

Според изјави на вработени во руското Министерство за надворешни работи, на чии изјави се повикува авторот на Извештајот, „во таква ситуација кога постојат многу можности за судир меѓу тие страни, Русите не мора многу да се мачат да работат“.

„Москва често флертува со сите на Балканот. На пример, на Србите за Македонија им вели дека е малку повеќе од клиент на ЕУ и на САД, а во исто време на Македонците им зборува дека Македонија е под закана на американските планови за Голема Албанија. Без оглед на тоа дали некој верува во тоа на локално ниво, таквите идеи се собираат и се искористуваат од страна на локални националисти, како што е поранешниот популистички лидер Никола Груевски“, стои во Извештајот на Европскиот совет за надворешни работи.

Украинскиот дипломат Олександар Левченко, кој важи за добар познавач на руските активности на Балканот, уште лани во интервју за Слободна Европа предупреди за путиновите намери на Балканот.

„Дестабилизацијата на овој регион во интерес на Путин е тој после тоа да дојде како миротворец. Значи, тој доаѓа, разгорува војна, и потоа се покажува како некој фактор и кажува дека е подготвен да преговара со Западот, со Америка за да ја реши таа ситуација“, вели Левченко.

Стратегија 2 – Придобивање на елитите

Втората стратегија на Москва е придобивање на елитите во државите од регионот, особено политичките. Според наводите во Извештајот, Кремљ веќе покажа дека е среќен што поддржува „самозаинтересирани елити кои се борат против меѓународниот притисок, како што се ВМРО-ДПМНЕ во Македонија или сепаратистите на Милорад Додик во проблематичниот регион Република Српска.

ВМРО-ДПМНЕ, на која ѝ бече наклонета руската политика, веќе не е на власт во Македонија, но, затоа пак, како што стои во извештајот, руската поддршка и поткрепа за Милорад Додик е потврдена, и тоа не само преку досегашните шест средби лично со Владимир Путин.

Авторот на извештајот очекува Москва да продолжи да ги поткопува лидерите и движењата кои се ЕУ-ориентирани, а тоа, како што стои во анализата, може да ги поттикне руските компании да се преселат директно во регионот кој им е од интерес или, многу поверојатно, да дејствуваат од онаму кај што се сега, а да побараат локална поддршка.

„Морате да внимавате на рускиот инвестициски банкарски капитал кој влегува во земјата. За жал, тој капитал секогаш го користи за разузнавачки работи“, предупредува Левченко.

Стратегија 3 – Искористување на нереалните очекувања

Третата стратегија на Русија – Искористување на нереалните очекувања – ќе се базира врз претпоставката на Москва дека во наредните неколку години на Балканот ќе се отворат големи можности за популистичките партии, а со тоа и за руски „ѓаволии и пакости“, се заклучува во извештајот.

„Ситуациите како онаа што се создава со обидите на Словенија да го одложува црногорското и српското влегување во ЕУ се плодна почва за Русија. Поволна ситуација за Кремљ ќе биде и ако, и покрај постојаниот економски напредок на земјите-аспиранти за влез во Унијата, тие не почнат пристапни преговори. Тогаш Москва ќе го искористи сето тоа како доказ за нејзините тврдења за перфидноста на Европа и за малиот интерес на ЕУ за регионот“, предупредува авторот на извештајот.

Партнери во регионалните пукнатини

Според анализите во извештајот на Европскиот совет за надворешни работи, се очекува Москва да ја продолжи својата пропагандна кампања за кочење на односите меѓу Западот и Балканот, искористувајќи ги политичките и економски пукнатини во регионот.

Русија, најверојатно, ќе ги прошири и напорите да се поврзе со формални институционални, општествени и политички сојузници и да создаде, како што се вели во Извештајот, „отфрлени хибридни играчи“.

На Балканот се шират и руските медиумски операции, предупредува авторот на Извештајот, и додава дека „агенцијата Спутник има несразмерно влијание во регионот, а дека Москва се обидела да финансира и новинарски редакции со политички ставови блиски до агендата на Владимир Путин“.

Поврзани новости