Морбидни сведоштва за злосторствата на кланот Беливук

by Fokus

Во специјалниот суд во Белград денеска продолжи вкрстено испрашување на Бојан Хрватин, обвинет во случајот за злосторствата на криминалниот клан Беливук-Миљковиќ. Бидејќи се спогоди со обвинителството, Хрватин сведочеше против обвинетите. Припадниците на криминалната група се обвинети за седум убиства, трговија со дрога, киднапирање, силување и незаконско поседување на оружје.

Хрватин сведочеше дека откако ги мелеле телата на убиените жртви во скриената просторија, после тоа ги миеле од себе остатоците од телата.

„Во една прилика за врема на туширањето најдов парче од нечие тело во косата, делче од коска или такво нешто. Тогаш не работевме во комбинизони, туку само по долен веш“, рече Хрватин на прашање на судијата дали се случувало да останат на нив парчиња од телата.

Хрватин се спогоди со обвинителството да зборува за злосторствата на своите некогашни пријатели и соработници, а за возврат да добие казна затвор од 15 години.

Тој детално го опишуваше секое убиство во куќата во Ритопек, за кое се теретат членовите на кланот. Српските медиуми пишуваат дека се тоа најморбидните сведоштва кои одекнале во судницата од почетокот на судењето. Освен Хрватин со обвинителството се спогодија уште двајца обвинети.

Поврзани новости