Претседателот на Боливија, Ево Моралес објави дека „во тек е обид за државен преврат“, по бунтот на полициските службеници во три града.
– Сестри и браќа, нашата демократија е во опасност поради обидот за пуч што го водат насилни групи против уставниот поредок. Пред меѓународната заедница го осудуваме нападот врз правната држава, напиша Моралес на Твитер по итниот состанок со министрите.
Моралес го повика народот да „ја брани демократијата“.
– Го повикувам нашиот народ во мир да се грижи за демократијата и Уставот, со цел да се сочува мирот и животот како најголемо добро над сите политички интереси, наведе боливискиот лидер.
Најмалку три полициски единици вчера се побунија против Моралес, во градовите Сукре, Кочабамба и Санта Круз.
Боливиската Влада за сега ја отфрли можноста за ангажирање на армијата против побунетите полицајци.