Ангеловска: Растот на економијата во 2020 проектиран на 3,8 отсто, дефицитот на 2,3 проценти

by Fokus

Растот на економијата следната година е проектиран на 3,8 отсто, а буџетскиот дефицит на 2,3 проценти, соопшти денеска министерката за финансии Нина Ангеловска одговорајќи на новинарски прашања.

Споделувајќи ги само основните контури од буџетот за 2020 година, Ангеловска потенцира дека буџетот следната година ќе биде насочен кон инвестирање во човечкиот капитал.

– Предвидени се значајни мерки за поддршка на граѓаните. Фокусот на буџетот оваа година е ставен на инвестирањето во човечкиот капитал. Инвестициите ќе бидат насочени кон поддршка на човечкиот капитал, на граѓаните, односно за подобро здравство, за подобро образование и силна поддршка на бизнисите, изјави министерката Ангеловска.

Додаде дека мерката за субвенциите на платите, која беше најавена, е буџетски проектирана и за следната година. Според Ангеловска, мерката е системски одржлива која не само што ќе им помогне на компаниите, туку индиректно значи и инвестирање во човечки капитал.

– Мерката за придонесите од плати е системски добро проектирана за да директно оние компании кои ќе ги покачат платите, средствата се влеат во пензискиот и здравствениот фонд. Зборуваме за една одржлива, системска мерка која не само што ќе им помогне на компаниите, туку индиректно ќе значи инвестирање во човечки капитал. Ќе им помогне на компаниите да ги зголемат платите и со тоа да ги мотивираат и задржат работниците кои во денешно време се потешко се наоѓаат и задржуваат на работа, појасни Ангеловска.

Предлог-буџетот за 2020 година се очекува следната недела да биде усвоен на седница на Влада по што Ангеловска најави негово јавно презентирање.

Раст на економијата од 3,8 отсто за следната година проектираше и Народната банка.

Поврзани новости