„Во овој период мора да вложиме максимални напори преку парламентарен дијалог да постигнеме консензус за промена на Уставот. Опозицијата мора да се аклиматизира на европската клима и да се прилагоди на европските услови, да се ангажира и самокритички да ги преиспита своите постапки. Не е разбирлива политичката нефлексибилност со која се турка некаков архаичен модел, а пред се’ опозицијата покажува неодлучност и немање визија. Иако вметнувањето на Бугарите во Уставот на РСМ е трн во око, тоа го гледам како дополнителна вредност за нас – конечно да ја закопаме долгогодишната теза дека сме еден народ со нив”, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за белградска „Политика”
На прашање што направи земјава во однос на борбата против корупцијата Спасовски истакна:
„Европската перспектива на оваа земја е придонес на сето она што го правиме како коалиција. Драго ми е што стратешките партнери го препознаа тоа. Пред нас се економските и судските закони, спроведувањето на системските реформи, антикорупциската политика и зајакнувањето на владеењето на правото. Никој веќе не е заштитен со закон, па ни функционерите на актуелната власт. Во 2021 година откриени се 50 отсто повеќе кривични дела поврзани со корупција и спречени коруптивни дејствија вредни околу 149 милиони денари, додека во 2022 година откриени се 124 коруптивни дела за кои кривично се обвинети 164 сторители. Ова е доказ дека не само институциите ја помагаат борбата против корупцијата, туку и јавната свест на граѓаните, кои имаат поголема доверба во полицијата“.
За прашањето колку за Северна Македонија значат членството во ОН и НАТО, како и стратешкото партнерство со САД во зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, тој истакна дека „со овие партнерства и храбри државнички одлуки го заштитивме националниот идентитет, а со функционална политика на дијалог и разбирање РСМ стана фактор на стабилност на Западен Балкан. Убеден сум дека ќе ја гарантираме безбедноста и стабилноста на територијалниот интегритет на државата, на регионално ниво, само со заокружување на евроатлантските интеграции на регионот и заокружување на демократската трансформација”.