Текстот е објавен на 30 ноември 2012-та во неделникот „Фокус“ број 909
Пишувала
Јадранка КОСТОВА
Негативната кампања кон политичкиот душман не е никаков куриозитет на македонската партиска сцена. Не е ниту лиценциран продукт на портокаловата групировка. Сепак, токму во нивно време достигнува раскошни димензии. И, иако ваквите пропагандни пораки целат кон другиот, инаквиот, тие најчесто многу повеќе ја отсликуваат менталната матрица и демократскиот хабитус на авторот на така издестилираната видеопорака. А спин-мајсториите на вмровците, на моменти веќе се и навреда на умот, барем на оние кои пропагандната портокалова центрифуга сѐ уште не им ги оштетила сивите ќелии.
Но, како и сѐ што се добива во огромни дози, така и на ваквите пи-ар марифетлаци постепено речиси сите отрпнавме. Токму затоа, а многу повеќе и во контраст со нивните заклетви за „транспарентност, чесност и принципиелност“, сметам дека е неопходно да се реагира на секој таков „Застава-филм приказује“ потфат. Преку ваквите филмувани спинарии, всушност, да ги анализираме „невидливите“ – продуцентот, режисерот и сценаристот, што тука веќе се три во едно – ВМРО-ДПМНЕ. Особено што главните ликови во спотот се видливи, а и поентата е, нели, дека нив треба да ги „осознаеме“ како црнила. Црниот бумбар, сепак, треба да им се додели на шнајдерите, кои, ете, можат и од метро платно да стокмат шатор!
ДАЈТЕ СПОМЕНИК „АМЕБА НА КОЊ“
Еве, веќе неколку недели на неколку подобни телевизии се врти клипот „Или си СДСМ или не си СДСМ“. Нарачател е ВМРО-ДПМНЕ. Трае дури 1 минута и 47 секунди. А тоа, батка, кошта бајаги евра, што за груевци никогаш не биле дефицитарна ствар, ама затоа за пропагандните пари се секогаш циции на зборови. Ете, од ланските избори останаа должни 1,6 милиони евра на Канал 5 и околу 700 илјади евра на Сител.
Дали ги подмирија овие финансиски обврски, и од кој извор им се слеаја толку милиони за кусо време, е прашање на кое одговорот максимално успешно се ескивира, со благослов на институциите. Во секој случај, долговите, подмирени или не, не се пречка (екс)должниците да фураат вака агресивно со нови и нови партиски спотови. Се разбира, каде има партиски огласи, таму по правило врие од уште побројните владини реклами. Политичка корупција тука нема, зашто, жими мајка, такво нешто не детектираше Антикорупциската комисија!
Но, парите за пропагандата се за друг ресор „согласно Уставот и законите“, а инспирацијата овојпат ми беше гебелсовштината на преродбеничката врхушка. Всушност, една од најмонструозните монтировки што се пласираат уште како некаков модерен партиски маркетинг е вмровската сингер шнајдерска обработка на изјава на архитектот Мирослав Грчев. „Само дилетант и само будала може да зборува за македонска култура и македонска историја“ – замонтирале другарчињата од ВМРО-ДПМНЕ, мака мачејќи веројатно како да ја сецнат реченицата, некоја стотинка од секунда, за да исчезне остатокот кој дава сосема поинаква поента – ВО ПРАИСТОРИСКО ВРЕМЕ, ВО НЕОЛИТ ИЛИ ВО ПАЛЕОЛИТ“.
Ако сметале дека и во палеолит и во неолит, море уште кога постоеле само амебите постоела и македонска култура, зашто гарант и амебите биле со македонски гени, тогаш 5 секунди повеќе од изјавата на Грчев не ќе се одразеше ич на вмровската партиска каса. Целиот свет е во криза, бре, освен тоа преродбеничко портмоне. Ем притоа ќе се воздигнеше патриотската вистина на неолитската наша приказна, која мрсникот-архитект сака дилетантски да ја урниса. Море, апелирам да се најде троа место на плоштадот за споменик – „Амеба на коњ“! Во Жена парк да се избронзира со златни елементи некоја палеолитска сцена зашто греота е да се дискриминира овој дел од македонската култура.
Ако, пак, делот што недостасува во спотот од реченицата на Грчев е битен, така што драстично ја менува „партиската порака“, тогаш овој шнајдерај е тежок колку два гебелси – како единица мерка за манипулативните техники на тоталитарните режими.
АЛБАНЕЦ (ВИЦЕ)ПРЕМИЕР!?
Од друга страна, гревот на ѓаволот Фрчкоски е што ја споменува можноста да имаме „премиер Албанец“. Наравоучението би било дека за вмровските ангелчиња, како негов антипод, тоа е смртен грев и велепредавство. Да, Албанци можат да бидат нобеловци. Можат Албанци од груевци да бидат и амнестирани дури и за цивилни воени злосторства (што е богами ептен за спот), ама максимумот според патриотските мерила бил да дотуркаат до функција вице-премиер (има таков во актуелната влада). Премиер Албанец е предавство, вицепремиер Албанец е врв на македонски патриотизам!
Звучи шашаво ама функционира. И шовинизмот и популизмот се надградуваат и прошируваат во оваа постнеолитска доба со антички димензии.
Северна или Горна е думата што, пак, го зацрни Тито Петковски во пропагадниот, пардон – пропагандниот уметнички дострел на агитпропот на ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно пораката од владината фамозна рекламна кампања „Ти си Македонија“ не се однесува на титовци и слични предавници. Зашто тие, нели, се непријатели. Заклучувам од приложеното дека во преговорите со Грција, или Груевски глуми подготвеност за компромис или, пак, излезот го гледа во Република Македонија – Скопје. Или некоја друга додавка како Вардар? Можеби Треска, Шар Планина, Беласица!? Но, на оваа тема тие умеат само да ги анатемизираат и да ги проколнуваат оние што ќе се „Осмелат“, а тие преговараат и преговараат. Што!? Не се знае!
И, кога ќе ги сумирате деталите за техничката вредност на овие лизгачки спотови, останува само да уживате во уметничкиот впечаток од преродбеничките дострели. Веќе добија комплименти за монтирани судски процеси, доволно се истакна меѓународно во талентот за ремонтирање на историјата, па, сега останува само да ракоплескаме на талентот што го манифестираа да замонтираат црна пропаганда!
Ма, „Македонија, пред сѐ“. Разбира се!
Мирослав ГРЧЕВ, архитект и „предавник“
ПРОПАГАНДНО-ДРЖАВЕН ЛИНЧ СО ГЕБЕЛСОВСКА МОНТАЖА
Полната реченица од мојата изјава за странска телевизија, која во црната пропаганда на ДПМНЕ е безочно фалсификувана, гласи:
„Само дилетант и будала може да зборува за македонска култура и македонска историја во предисториско време, во неолит или во палеолит.“ Изјавата е коментар на зачестените теории на шарлатаните од „историската управа“ на ДПМНЕ дека македонската национална култура и историја се протега наназад до палеолитот, што е теза малоумна, смешна, понижувачки глупа и навредлива за сите нормални Македонци.
Гебелсовското монтирање на изјавата, во кое се крати и исфрлува предметот и смислата на реченицата, за да испадне дека јас го напаѓам самото постоење на македонскиот народ, е школски пример за пропагандно-државен линч со фалсификат и криминална лага кои се употребуваат рутински во уништувањето на политичките противници и инакумислечките луѓе во фашистички и сталинистички диктатури и тоталитарни системи од сите бои .
Анализата на пораките од црната кампања, уште на првиот чекор се треснува од тажната скоро патолошка неписменост и примитивност на „мислата на авторот“. Како низ проѕирни черепи се согледуваат нивните мали бели мозочиња, како се потат и грчат за да продуцираат конструкција во која „со еден удар ќе убијат две муви“. Демек, ако со монтирани лаги испаднеме како непријатели на народот македонски, во доведување на нашето „инхерентно зло“ во неуронска врска со СДСМ, ќе и се нанесела масивна штета и на противничката партија… Како креатор на целата фашизоидна идеологија на ДПМНЕ да е мозоче на искомплексирано дванаесетгодишно машко дете полн со јад, завидливост и омраза!
Тито ПЕТКОВСКИ, пратеник и „предавник“
ЗОШТО НЕ ГО СТАВАТ ВО СПОТОТ И ПРЕДЛОГОТ НА ГРУЕВСКИ- РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – СКОПЈЕ?!
Станува збор за бескрупулозна лага и манипулација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Со пари на граѓаните, вклучително и мои, во стилот на Гебелс, ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се пресметуваат со политичките неистомисленици, прикажувајќи ги како непријатели и предавници.
Со години наназад постојано укажувам на потребата од замена на акронимот ФИРОМ со име со географска одредница – Северна или Горна, со единствена цел што побрзо Република Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. Исто онака, како што под името ФИРОМ станавме членка на ООН и на многу други европски и светски организации и асоцијации, без да се доведе во прашање македонскиот идентитет, јазик, традиција и култура. Но, таквиот пристап за националистичкиот ум на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски едноставно е несфатлив. Не само јас, туку ниту еден релевантен македонски политичар, јавно до сега не предложил промена на уставното име на Република Македонија.
Никола Груевски со официјално писмо до Генералниот секретар на ОН во 2008 година предложи новото име на Република Македонија да биде Република Македонија – Скопје, кое Грција, исто така, официјално го одби. Ако веќе се обидува со помош на ТВ спот да ги клевети и дискредитира свои политички противници, ред е Никола Груевски, својот предлог за промена на името да го вметне во истиот ТВ спот ако оцени дека тој е поприфатлив од сите до сега јавно изнесени!