Монолог за фамилијарните вредности

by lali

Се испраќаме со младиот гостин пред куќа. Разменуваме зборови, се гушкаме, но тој сака уште нешто да ми каже. Доцна е, мене ми се приспива, но гледам во широко отворените и будни очи на соговорникот. Си мислам, млад е, може ќе се жени, па сака да го сподели тоа со мене. Но, очите кријат тежина и тага што ги препознавам. Како да се гледам самата себеси, кога за првпат заминав од Македонија.

Кој го доживеал тоа чувство – никогаш нема да го заборави. Кога си полн со знаење, енергија, живот, кога одиш по сртот на планината, спремен и зрел да тргнеш да освојуваш друга, повисока и пострмна планина. Очите на соговорникот бараат од мене да изустам една, барем една причина, за да го одвратам од намерата.

ГРАДОТ Е ПОЛН, АМА НИКОГАШ НЕ БИЛ ПОПРАЗЕН!

Му велам – ако сите си заминат, ќе нема кој да ја направи земјава подобро место за живеење. Човек не треба да дига раце, да врти грб, да се откажува. Тој ме прекинува со рафал:

Ноли, за редот на нештата се работи, за системот на вредности, за она што ме научиле дома, за она што сум го наследил. Тие се мои ѕвезди-водилки! Овде небото е темно и е осветлено со реклами и пропаганди за некој виртуелен свет, што ниту постои, ниту некогаш ќе постои во овдешнава иднина. Зашто тој свет е лажен, фалшив и нестварен.

Јас работам сам, изолиран од стварноста, но како да создавам овде фамилија и да раснам деца? Шетам по Скопјево и се прашувам каде заминаа сите шизици, каде се тие дечки што беа срцето и духот на градот? Кај се тие места кај што расневме, кај што не ни висеа пандури и мафиози над глава. Со по една конзерва пиво знаевме да се забавуваме до бескрај во паркот, и ем да ни биде убаво, ем да не правиме и да не ни прават зло?

Каде исчезнаа многу градски ликови со кои раснев, со кои делевме приказни, дружби, спомени? Градот е полн, ама никогаш не бил попразен. Ечи бука, а страшен молк ти ги пара ушите. Толку навидум движење, а само мртвило и депресија.

Некои мои колеги со врвно познавање во струката прифаќаат да останат овде, да бидат дел од овој виртуелен свет. Со тоа звање и знаење што го поседуваат би можеле светот да го сменат, наместо да киснат под кирија во малечка, влажна соба со години, да слугуваат за мали пари, без можност да создадат фамилија, да изградат иднина.

Божем среќни што ете побегнале од мракот на провинцијата и станале дел на еден мртов град. Јас сакам да менувам, да создадам иднина, да создадам простор за моите, деца, наследници. Ама кажи ми – како да го сторам тоа, на чесен начин – овде? Не сум сам, многу млади деца, воспитани како што треба од дома, мислат како мене.

Ние, тивките, скромни, вредни градски деца едноставно не знаеме како да се справиме со ова дивјаштво, со овој невкус и агресија што ни се случува во секоја пора од животот? Младите не се глупи и инертни, ама тие не добиле вистинска шанса, но и вистински пример и одговорност да се изборат за себе. Кој е одговорен за сето ова?

Кој дозволи простотилакот, силеџиството и незнаењето толку да се осилат и да се набилдаат за да го задушат градов, да го изгризаат како молци и да нокаутираат сѐ вредно околу себе? Зарем треба со боксови и со сила да ја враќаме убавината и пристојноста во нашите животи?

Кажи ми како ќе ги менуваме работите од оваа забеганост и како ќе ги враќаме изгубените вредности назад? Кажи ми кој пат да го фатам, а да не заминам? Каде е тоа здраво јадро што ќе нѐ обедини и што ќе ни покаже дека има надеж и смисла да се живее овде?“

ДАЛИ ВЕЌЕ СМЕ ИЗГУБИЛЕ НАДЕЖ?

Го пресече за миг монологот, замрзнувајќи го бистриот поглед во моите зеници па продолжи:

„…на Запад, заминувањето на младите луѓе од дома не се сфаќа така трагично како кај нас. Таму е нормално млад човек без многу двоумење да замине во потрага по својот сон, по работа, по професија, или едноставно ако сака предизвици, ако сака да излезе на мегдан со светот, за да ги испроба своите „мускули“.

Но, миграцијата од Исток кон Запад станува за многумина единствената можност да се изборат за основните човечки права, за достоинствен и пристоен живот. Ние доживуваме масовна евакуација како спас за нормалните, млади луѓе од настрвените локалните херои и олигарси, кои станаа сопственици на цели држави, на нашите животи, на нашата сегашност и иднина“, заврши тој.

Немав одговори за прашањата на младиот човек. Почувствував дека секој утешен збор би бил лигавење и давање лажна надеж, а согласување со кажаното – тешка иронија. Дали сме отрпнале во бесот и немоќта да се справиме со ова што ни е случува? Дали веќе сме изгубиле надеж?

Денешната „фамилија“ на власт расели многу наши семејства, за самата да може овде да се распостила и да царува. Стануваме сите „гости“ дома, на оваа „фамилија“. Еден ден, се надевам бргу, таа „фамилија“ ќе сноси одговорност пред сите нас за раселената младост и доблест на оваа земја, за набрканите умни, воспитани и вредни деца од многу наши семејства, за сите болки и неправди нанесени врз неколку генерации!

Поврзани новости