Мони – кучето што ја докажа силата на човечката добрина

by Фокус

Беше 12 јули 2014 година кога жителите кај пиланата во населба Превалец, Велешко се соочиле со страшна глетка. Кутре, целото потопено во мазут, се шетало низ населбата барајќи помош. Не можело ниту да ја отвори устата, а едвај ги движела нозете.

„Кога ја видовме беше како пластифицирана. Дознавме и дел од нејзината приказна, дека сопственикот ја фрлил во базен со мазут само затоа што имала крлежи“, напишаа на својата Фејсбук страница членовите од Здружението за заштита на животните од Велес.

Ја крстија Мони и ја донесоа во Скопје. Голем број активисти за права на животните го посветија своето време, енергија и љубов за да му помогнат на беспомошното кутре. Шансите за да преживее беа мали, но тие не се откажуваа. Мораше да се отстрани секој дел од нејзиното тело кој беше покриен со мазут.

Активистите сведочат дека таа не испуштала глас за време на третманите – знаела дека тие луѓе се нејзиниот спас и дека се тука за да помогнат да се врати во живот.

Времето поминуваше, а Мони полека се враќаше во живот. Денеска, на социјалните мрежи осамна фотографија од кутре за кое тешко кој ќе препознае дека станува збор за истото куче кое пред месец и половина буквално се распаѓаше. Фотографијата за тоа како изгледа Мони денеска е доказ дека човековата грижа и упорност, навистина прават чуда!

Грижата за Мони се уште трае, па активистите бараат парична помош од граѓаните со цел да ги покријат долговите и трошоците за нејзиното лекување. Донација за Мони може да се уплати на следната жиро сметка:

Гласот на животните Велес
Жиро сметка: 300270000101436
Депонент: Комерцијална банка АД Скопје
Со назнака: Донација за Мони
 

Поврзани новости