Министерството за образование и наука започна постапка за носење нов закон за високо образование, за кој веќе е формирана работната група која денеска го одржа првиот состанок.
Министерката за образование и наука, Рената Дескоска-Треневска, денеска изјави дека целта е да се направи нов закон што ќе ги опфати сите аспекти од статусот и организацијата на универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на универзитетот, процесот на нострификација на дипломите.
Таа додаде дека нема да се брза со носење на законот туку предност ќе се даде на квалитетна дебата со која ќе се дојде до најсоодветните решенија.
„Периодот ќе биде малку незгоден поради локалните избори кога Парламентот не работи. За мене ќе биде оптимално ако успееме да го донесеме законот до крајот на годината. Тоа би било идеална ситуација“, рече министерката за образование и наука.
На средбата беа присутни и претставници на Професорскиот пленум и Студентскиот пленум.