Дел од основните училишта, при запишувањето на првачињата, кое е во тек, не ги прифаќаат потврдите од извршен преглед кај приватен офталмолог и приватен стоматолог. Со вакава реакција до редакцијата на „Фокус“ се јавија повеќе родители, кои биле препраќани повторно да вадат потврди во некои од јавните здравствени установи.
Од Министерството за образование и наука пак апелираат до училиштата дека и потврдите од приватните офталмолози и стоматолози се важечки, односно родителите не треба да бидат вратени. Потенцираат дека разликата е во тоа што прегледите кај приватните лекари родителите ги плаќаат сами, додека пак во јавното здравство се бесплатни.
-Офталмолошки преглед се закажува кај специјалист со упат од матичен лекар, при што прегледот е бесплатен. Доколку пак, прегледот се врши кај приватен офталмолог кој има одобрение за вршење на таква дејност, трошоците се на товар на родителите/старателите, изјавија од Министерството за „Фокус“, потенцирајќи дека истото важи и за потврдите од приватен стоматолог.
Дел од родителите беа приморани да ги носат своите деца во приватни здравствени установи, бидејќи не можеа да дојдат до слободни термини преку матичен лекар, а потоа се соочија и со опструкција од училиштата. Но од министерството велат дека доволно е родителите да прикажат и само упат за закажан преглед.
-МОН веќе испрати известување до сите училишта согласно кое доколку при уписот на дете, родителот нема потврда за извршен офталмолошки преглед, потребно е да приложи упат за офталмолошки преглед, при што училиштето треба условно да ги прими документите и да му појасни на родителот дека веднаш по извршен офталмолошки преглед, треба да ја достави потврдата но тоа да не биде подоцна од почетокот на учебната година.
Ова се однесува и за потврда од стоматолошки преглед. Доколку родителот/старателот не достави при уписот, истото треба да го направи најдоцна до пред почеток на учебната година, ни одговорија од Министерството.
В.В.