Министерството за образование и наука соопшти дека првиот училишен ден помина успешно за најголем дел од учениците во државата. Физичката настава, онаму каде што Владината комисија утврдила дека има услови, велат од МОН, се одржува согласно протоколите пропишани од здравствените власти. Воедно, од таму посочуваат дека платформата „Microsoft teams“ се покажа како стабилна за одржување онлајн настава и во најголем дел учениците и наставниците денеска се приклучиле успешно или со помали тешкотии.
-При организација на наставата МОН имаше два приоритети – заштита на здравјето на сите учесници во образовниот процес и обезбедување пристап до образование за секое дете. Бојкот на наставата целосно го деградира образовниот процес, а најголемата штета од ова ја трпат токму децата. Образовниот процес мора да продолжи – клучно за развојот на секое дете е да ја следи наставата, без разлика дали е тоа онлајн, или со физичко присуство“, посочија од Министерството.