Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ги демантираат информациите содржани во објавените прилози во дел од медиумите, во коишто се наведува дека со воведувањето на адаптираните наставни програми за математика и природни науки за учениците од прво до трето одделение од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ, овие ученици од учебната 2014/2015 година ќе изучуваат и нови предмети коишто досега се изучувале во повисоките одделенија, како физика, хемија, биологија и научно истражување ( што како предмет воопшто и не постои), се вели во денешниот допис од министерствотот.
„Би сакале да појасниме дека имплементацијата на оваа досега најголема реформа во македонскиот образовен систем во делот на основното образование, не подразбира воведување на нови предмети, туку, единствено подразбира измена и адаптација на наставните програми за постојните предмети – математика и природни науки, согласно наставните програми на Меѓународниот центар за наставни програми Кембриџ – најголемиот светски провајдер на меѓународни образовни програми и квалификации за деца на возраст од 5 до 19 години, прифатени во 160 земји и над 9000 училишта.
Како што впрочем е и наведено на интернет страницата на Бирото за развојот на образованието, новата наставна програма по предметот математика е поделена на пет подрачја: Броеви, Математички операции, Геометрија, Мерење, Работа со податоци и Решавање проблеми, а ќе се реализира со фонд од 5 часа неделно, односно 180 часа годишно. Оваа наставна програма се фокусира на принципи, шеми, системи, функции и односи, така што учениците можат да го применат математичкото знаење и да развијат сеопфатно разбирање на предметот.
Додека, наставната програма по природни науки е застапена во четири содржински области: Научно истражување, Биологија, Хемија и Физика, а ќе се реализира со фонд од 2 часа неделно, односно 72 часа годишно. Вака адаптираната наставна програма се фокусира на развивање на интересот на учениците за стекнување на научно знаење.
Сегментацијата на една наставна програма по одреден предмет, не подразбира воведување на нови предмети. Така што, се доаѓа до заклучок дека прилозите се резултат на недоволна информираност, обид за дезинформирање на јавноста или пак обид за девалвирање на реформата со којашто Република Македонија влегува во друштвото на земјите со еден од најсовремените и најквалитетни образовни системи во светски рамки, за чиишто подготовки и тек на имплементација, Министерството за образование и наука редовно ја информираше и ја информира јавноста“, се вели во соопштението од МОН.