Прескапиот проект „Скопје 2014“ ќе ви нанесе долгорочна штета!

by fokus 21:19
21:19

Со реализација на проектот „Скопје 2014“, голем дел од јавниот простор во главниот град беше узурпиран од власта, односно без дозвола и мислење од граѓаните, се градеше се и сешто, од мостови, до споменици, врби и барокни објекти. Сето тоа, односно одземањето на јавниот простор, помина без многу врева.

За разлика од нас, жителите на Загреб, Хрватска, инсистираат властите да го почитуваат и нивното мислење. Како тоа им успева, зборувавме со Теодор Целакоски познат граѓански „бунтовник“, кој е роден во Охрид, но пораснал и живее во Хрватска. Тој е координатор на организацијата „Правото на град Загреб“, која се спротивставува на економското експлатирање на јавниот простор. Ја застапува и се бори за тезата дека градскиот простор им припаѓа на жителите, а не властите и нивните другари, бизнисмени.

- Advertising -

Целакоски неодамна ја посети Македонија бидејќи зема учество на коференцијата „Евалуација на културните политики и програми финансирани од ЕУ како промотори на културната разноликост и интеркултурен дијалог на Балканот“.

ФОКУС Кога се започна, односно кога решивте да го кренете гласот против узурпацијата на јавниот простор?
ЦЕЛАКОСКИ Уште пред 2006 година создадовме една неформална платформа која последниве години се претвори во една активистичка организација. Тргнавме со намера да се спротивставиме на еден процес со кој се исклучуваа граѓаните при донесувањето на одлуките за развојот на просторот на градот, при големата експлатација на урбаниот простор. Она што најмногу ни пречеше е незаконскиот развој на градот кој е поврзан со приватизација на јавниот простор, а од друга страна и се поголемата зависност на градот од глобалниот финансиски пазар, што резултира со голема задолженост.

ФОКУС Дали можете да ни посочите некоја ваша конкретна активност?
ЦЕЛАКОСКИ Се спротивставиме на идејата на местото на Цветниот пазар во Загреб да се гради шопинг центар вреден 100.000 евра, поради кој се узурпираше дел од јавниот простор, односно од пешачката зона, се рушеа згради во заштитени подрачја, и се градеше гаража на простор каде што тоа не беше дозволено. Значи, на почетокот воопшто, по урабанистичкиот план, не беше возможно да се изведе таков градежен план, но се менуваше само за да се овозможи. Тоа е една таква карактеристика на развој на градот во кој се се прилагодува на интересите на приватен инвеститор. Ние на сето тоа се спротивставивме, односно го дигнавме гласот против таа спрегата на нетранспарентност  на градската власт и на инвеститорот кои работеа против мнозинската волја на граѓаните.

int4ФОКУС Колку што ми е познато, вие сте противник и на приватизацијата на јавната инфраструктура и на комуналните претпријатија. Зошто?
ЦЕЛАКОСКИ Се спротивставивме и на приватизацијата на јавната инфраструктура, како што се автопатите и концесионирањето на комуналните претпријатија. Станува збор за давање на концесија на 50 години, што значи дека наредните 12 или 13 Влади ќе имаат заврзани раце. Она што е клучно во овие процеси, со концесионирањето на јавните услуги и на јавните инфраструктури е тоа што услугите поскапуваат, а и паѓаат инвестициите во таа сфера. Ова значи дека од една страна имаме поскапување на услугите, пад на квалитетот на услугите, намалување на инвестирањето, и она што е битно кога станува збор за автопатите , па и за другите јавни услуги, е тоа дека се гарантира прометот. Односно, државата ја плаќа разликата во случај ако приватникот не го оствари посакуваниот промет. Така сега ни се случува државата на еден концесионер да му плаќа милионски суми во евра.

ФОКУС Дали автопатите во Хрватска веќе се дадени под концесија?
ЦЕЛАКОСКИ Владата го избра консултантот и ги собра понудите, а планот е до крајот на годината да се случи тоа концесионирање. Мора да се каже и дека владите, како што е нашата, се во слаба позиција на преговарање, особено кога е криза, па на некој начин се уценети, а изговорот е дека биле премногу задолжени за да сами ги изградат автопатите, а сега преку концесиите наводно сакаат да ги вратат тие долгови. Вистината е дека нема да ги вратат тие кредити, туку планираат тие пари да ги искористат, во поголем дел, и за тековните трошоци, и некои инвестиции, за да пред изборите дојдат во некоја квалитетна општествена ситуација, односно да поделат некој денар. Од тие краткорочни користи за опстанокот на една политичка елита која е моментално на власт, одиме во еден процес кој е долгорочно штетен за граѓаните и државата, бидејќи преку илјада километри новоизграден автопат, како стратешки ресурс, ќе му го врачат на управување на некој на кој не му е во интерес развојот на Хрватска.

ФОКУС Дали ја добивте поддршката од пошироката јавност?
ЦЕЛАКОСКИ Во борбата против изградбата на шопинг центарот, на местото на цветниот пазар, успеавме да мобилизираме голем број на граѓани. Организиравме 50 јавни настани, на кои се собираа околу 4-5 илјади граѓани, а собравме и 55.000 потписи против изградба на гаража во срцето на градот. Она што е интересно, односно преседан, е што за прв пат во Хрватска, „инвеститорите“ на јавна површина сакаа да изградат влезна рампа на приватната гаража, која ние како граѓани сме ја платиле неколку милиони евра. Значи тоа е преседан, бидејќи рампата можете да ја градите на парцелата која сте ја купиле, значи си го трошите вашиот простор, а не јавниот. Проектот е направен, но не на првично планираниот простор, поради притисокот од јавноста. На некој начин успеавме да го сузбиеме проектот на две третини од она што првично беше планирано. Клучниот чекор беше тоа што ние ги натеравме политичките елитите да изгласаат просторен план со кој ги укинаа претходните измени, бидејќи се планираа такви градби во 14 други блокови. Значи се изборивме дека не може повеќе да се гради на улици и пешачки зони и на јавни простори.

int2ФОКУС Дали дејствувате само во Загреб или, пак, вашата помош ја бараат и на други места?
ЦЕЛАКОСКИ Од друга страна покренавме еден цел процес на помош и инцијативи и на други места, како во Дубровник, Пула, Сплит, некаде директно помагавме, а некаде со споделување на нашето искуство создадовме една ситуација според која во Хрватска се создаде општествено делување кое се занимава со јавниот простор и просторната правда. Успеавме и во поширокото политичко опкружување, на некој начин, да воведеме теми кои порано не постојале. Во таа смисла се гледа некој напредок, бидејќи ни се сервираше дека, на пример, во Дубровник ќе се инвестира милјарда евра за изградба на апартмани и вили, голф терени над Дубровник, а тоа се продава како јавен интерес, иако тоа се ексклузивни населби во кои немате пристап ако не сте член на голф клубот или корисник на тие апартмани.

ФОКУС Значи најмногу ви пречи тоа што на обичниот граѓанин му се одзема јавниот простор, а во него подоцна ужива само одредена категорија на луѓе?
ЦЕЛАКОСКИ И не само тоа. На пример, во шопинг центрите просторот е недемократичен, и тука се боревме за просторот како за политички јавен простор, што значи простор во кој можете да се организирате, снимате, но тоа во ваков центар не го можете, бидејќи морате за дозвола да ја прашате корпорацијата. Значи вие ги немате загарантираните човекови права и тоа е генерален проблем, бидејќи со таквиот развој на градот долгорочно ви се скусуваат политичките права. Не само што нема да имате каде да протестирате, да го искажете своето незадоволство, но важно е и тоа што преку задолжувањето, брендирањето на градот, нема да биде битно кој е на власт, бидејќи картите се поделени, направени се обврски и таквите проекти се на штета на граѓаните.

ФОКУС Дали се соочувате со притисок од власта, или можеби и со закани?
ЦЕЛАКОСКИ Составен дел на таква една активност, ако сте успешни, а ние во еден момент го свртевме вниманието на целата јавноста кон тие теми, се и притисоците и заканите. Организиравме мирни протести, за да запреме една  градба, но завршивме со 150 уапсени.
Во моментот кога го пријавивме протестот кога почнуваше градбата на таа локација, но не ни дозволија да протестираме таму. Тогаш ние застанавме пред кордонот, 100 метра подалеку. Е, тогаш не пријавија дека сме имале непријавени протести на таа локација, а ние не можевме да пристапиме на нашата. Затоа, јас и колегата, како организатори, добивме казна од 2.500 евра. Уапсените 150, сите беа казнети со по 100 евра, но ние со голема помош на повеќе адвокати, успеавме да тоа го оспориме на суд и во повеќето случаи доаѓа до ослободување. Значи не успееа да ги наплатат сите казни, но тоа беше еден страшен притисок. И Уставниот суд пресуди во наша корист, односно дека имаме право да викаме, да седиме, ако не сме насилни. Инаку досега ни изрекоа казни од 20.000 евра, од кои досега судски се потврдени 2.500 евра.

ФОКУС Покрај паричните казни, дали бевте соочени со други притисоци?
ЦЕЛАКОСКИ Од една страна ја имате таа борба, а од друга страна ве притискаат. Власта употребуваше неколку методи за да нѐ замолчи. Од една страна целата медиумска кампања беше против нас, и тоа преку наше морално обезвреднување. Имаа дежурни новинари кои работеа системски на тоа, односно имаа задача да ги делегитимираат нашите позиции, нашата организација. Од друга страна ни правеа штета преку масовното рекламирање на тие проекти, но интересно е што ние имавме екстремни вербални напади и од политичарите, како на пример, градоначалникот лично ме пцуеше.

ФОКУС Дали овие притисоци успеаја да ве запрат или закочат?
ЦЕЛАКОСКИ Морам да напоменам дека освен нашата организација, и останатите кои ни се приклучија се соочија со притисоци, односно, градот им ги скрати средствата за програмите. Организацијата „Зелената акција“, како одмазда за протестот, доби тужба, но за друга акција. Вршеа перформанс на тема дека надлежните не го собираат опасниот отпад. И затоа поставија прашалник изработен од канта за боја, но за гестот добија тужба, бидејќи, замислете ги обвинија дека оставиле отпад пред министерството. Ги тужеа и од нив бараа 100.000 евра, што доколку загубат, би ја уништило организацијата. Па, да не беше притисок од Европскиот парламент, ќе се случеше обид за укинување на организацијата.
Тоа е кога имате големи конфронтации, тогаш имате и обиди за да морално ве делегитимираат, и жестоко и незаконски да ве уништат финансиски. Се случија некои промени, но во секој случај тоа беше една експанзија на конфликти, во кои се обидуваа од сите страни да нѐ стисна и да нѐ укинат. Но, доколку тоа го издржите тогаш понатаму можете да одите поквалитетно.

int3ffffffffffff

ФОКУС Македонија сте ја посетиле неколку пати. Што мислите за новиот изглед на главниот град, односно за проектот „Скопје 2014“?
ЦЕЛАКОСКИ Вие очигледно сте заглавени во ситуација кога политичката елита, очигледно преку такви проекти, изразито во најмала рака финансиски контролира низа сегменти што се случуваат во Скопје и во Македонија. Колку што јас имам информации тоа финансирање е крајно нетранспарентно. Јас не би влегувал во кичерскиот аспект на производство на минатото, поради тоа што мислам дека тоа е погрешен одговор на неодржливата меѓународна политичка ситуација во која се наоѓа Македонија.
Јас тој процес го разбирам како реакција на тоа што не сакаат да ја признаат Македонија, но мислам дека механизмите за таа неприфатлива ситуација се потполно неправилни. Но не само неправилни, туку и прескапи и општествено штетни, произведувајќи една мегаломанска рамка која долгорочно во општеството ќе остави траги и ќе произведе штета.

ФОКУС Што им порачувате на „заспаните“ активисти во Македонија?
ЦЕЛАКОСКИ Секоја средина има свои задачи и капацитети. Тоа што досега не се создало доволно отпор, не значи и да се случел, дека проектот ќе се запрел. Но ми се чини, она што е клучно, не само она што му се случи на просторот, туку  дали тука се случува политика или не се случува. А политика значи спротивставување или некој вид на натпреварување.
Овде може постои политичка поделеност околу проектот, но ми се чини дека во некој момент општеството има капацитет за квалитетна конфронтација, а во некој нема, бидејќи силите се многу слаби. Така да иако штетата веќе е направена, сепак мислам дека просторот на борба никогаш не е изгубен. Треба да се види кои се идните точки за одбрана на јавниот простор. Да се разгледа некоја можност за да народот конечно сам одлучи за својот јавен простор.

Поврзани новости