Во Македонија има 16.500 матуранти кои завршуваат четиригодишно средно училиште. Од нив, дури 15. 000 или рекордни над 93 отсто, се пријавиле да полагаат државна матура, што значи огромен интерес кај матурантите, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).
Според Министерството, средношколците се едногласни дека овој завршен испит им е неопходен.
– Ова е уште една ситуација во која бројките ги демантираат лагите на опозицијата, кои и оваа прилика со учениците ја користат да ја исполитизираат, иако законски е забрането политичко дејствување во училиштата. Партијата на Христијан Мицкоски ги користи малкутемина, незначителен број матуранти, кои наводно бојкотираат настава незадоволни од матурата, да ги критикува реформите во образованието и да и преставува на јавноста лажна слика дека учениците не сакаат да полагаат, велат од МОН.
Токму затоа, Министерството за образование апелира до матурантите и средношколците да продолжат со наставата по веќе воспоставениот комбиниран модел затоа што тоа е во најдобар интерес на сите ученици и во интерес на заштитата на јавното здравје и дека полагањето државна матура е законска обврска.
Од МОН појаснуваат дека имаат законска обврска да ја организираат матурата за учениците што планираат да го продолжат образованието, а е услов за запишување на факултетите во државата и во странство.
Испитите, како што дополнуваат, ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година. Mатурата, која е право на избор, на учениците кои избраа да полагаат и ги пријавија испитите ќе им биде овозможено да ја полагаат.
– Уште во текот на првото полугодие, целосно почитувајќи го демократското право на изразување на учениците, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети, стои во соопштението на МОН.
Од таму дополнуваат дека Државниот испитен центар, МОН и средношколците заедно ќе работат на целосно нова концепција за полагање државна матура која ќе се применува од идната учебна година, за што во тек е формирање на работна група во која ќе бидат вклучени и средношколците.