Три лица на возраст од 24 до 30 години, го изгубија животот на плажата во Зврнец во албанскиот град Валона, со што бројот на удавени во текот на денот се искачи на четворица. Меѓу жртвите е Бењамин Ферати, 24 годишник од Тетово. Трагедијата се случила во местото наречено плажата на Порто Ново, јавува Алсат-М.
Покрај Бењамин Ферати од Тетово, животот го изгубиле и Мануела Марај од Валона и Џоана Цани од Тирана. Трагичниот настан се случи кога една од жртвите се удавила во морето, а другите двајца се обиделе да ја спасат, по што и тие се удавиле.
Жртвите биле пренесени во мртовечница во Валона за вршење на тамошните процедури. Претходно, во текот на денот, 14-годишно дете се удави во морето. Инцидентот се случил во близина на местото наречено Морнарско училиште, во Валона.