Од Скопската Зоолошка градина и в.д директорот Зоран Поповски се уште нема никакво соопштение и обраќање до јавноста по повод веста дека градината го изгубила кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА), бидејќи неофицијално, во последниве две години не испочитувала договори, како и поради неспроведување на проекти.
Околу тоа дека ЗОО Скопје не е повеќе кандидат, кратка потврда дал директорот Поповски за СДК. Мк, но не открил повеќе детали.
Уште минатата недела ,,Фокус” ја контактираше портпаролката на зоолошката, Тина Мицковска, по реакциите на добро упатени извори кои тврдеа дека градината останала без кандидатскиот статус, кој го имала од 2007 година, и дека во наредните осум години нема да може да аплицира за членство.
Ни посочија дека тоа значи дека Скопје ЗОО ќе може да соработува единствено со зоолошките од Белград, Србија и Русија и со само со нив ќе може да разменува или да набавува нови животни, а нема да смее тоа да го прави со ниту една светска зоолошка градина, ниту со кандидати за членови на ЕАЗА.
Портпаролката Мицковска тогаш во телефонски разговор ни кажа дека во моментот во зоолошката во тек била истрага, и дури по завршувањето на истата ќе може да ги соопшти деталите за последните случувања. Замоли за неколку дена трпение, пред директорот да ни даде официјална изјава, и потенцираше дека гласините не се точни.
Денес, во повеќе наврати се обидовме да ја контактираме, но таа не одговори на нашите телефонски повици и пораки.
Само пред еден месец, во мај, директорот Поповски во опширно интервју за порталот Скопјеинфо.мк раскажа дека зоолошката ја започнала годината со голема посетеност, а за првомајските празници била забележана историски рекордна посетеност од над 25.000 посетители, што всушност бил рекорд во 97-годишното постоење на градината.
-Како кандидат членка за во ЕАЗА (Европската асоцијација на зоолошки и аквариуми), треба да исполниме многу високи критериуми, а од нашите ментори од ЕАЗА добивме насоки за зголемување на цената на влезницата. Влезницата за ЗОО Скопје е само 80 денари, а со тоа сме можеби и Зоолошка градина со најевтин билет за посета-истакна тој во интервјуто.
Раскажа дека организираат голем број на едукативни работилници и предавања, дека имаат голем број на ретки загрозени животни, но и дека имаат различни кампањи за да ја разбудат одговорноста и емпатијата на посетителите кон животните.
Поповски дојде на челната функција на ЗОО Скопје на почетокот на годинава. Пред него, директор беше Драган Илиевски, и тој помина околу пет месеци на оваа функција. Претходник на Илиевски беше Кристијан Стаменов, кој остана запамтен по скандалот, кога повеќе коњи беа заклани во градината.
Овие тројца директори беа именувани од страна на градоначалничката Данела Арсовска. За време на градоначалничкиот мандат на Петре Шилегов, директор на зоолошката беше Ѓорѓи Галетановски, кој успеа да донесе голем број на новитети, а во тој период градината се најде како позната атракција во повеќе светски медиуми.
Галетановски сам поднесе оставка од позицијата, кога Арсовска дојде на чело на градот, како што тогаш изјави за ,,Фокус”, бидејќи сфатил дека со неа нема да може да најде заеднички јазик и да има добра соработка.
Вики Клинчарова