Ниту еден од надлежните органи не сака да открие дали лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев бил прислушкуван за време на изборната кампања на последните парламентарни и претседателски избори. Логична стратегија на државните институции е да се повикаат на законите кои обезбедуваат тајност на користењето на посебните истражни мерки.
Заев во интервју на телевизијата „24 вести“ за прв пат јавно откри дека имал информации оти власта го следела во предизборието. Дури тврдеше дека го прашал премиерот Груевски преку телефон, но добил одговор дека е викенд и не може да се провери.
Процедурата, која мора да се запази кога се почнува со следење на сомнително лице, предвидува дека барањето мора да го поднесе јавен обвинител, а потоа налогот за одобрување на следењето на комуникациите го издава судот. Јавното обвинителство мора да го наведе делото во кое се сомнева, но и периодот кога да се користат мерките.
Но, во двете институции, согласно законот, не смеат да изустат ниту збор. Се правдаат дека, едноставно и да сакаат да зборуват за тоа, не смеат, затоа што ќе се нарушел концептот на тајност во постапката.
Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, вели дека при секое издавање налог за следење се почитуваат законските одредби.
– Не ни можам повеќе да зборувам, особено за конкретни случаи. Така би се повредила секаква тајност на процедурата, односно би се повредила суштината на посебните истражни мерки. Или практично, тоа значи, ако судот за некого каже дека има налог за следење веднаш се разоткрива законски определената тајна, ако пак кажеме нема, влегуваме во полемика со ризикот зошто се отвора прашањето јавно – вели Панчевски.
Од Јавното обвинителство велат дека согласно Законот за кривична постапка, службена тајна претставуваат сите податоци поврзани со примена на посебните истражни мерки.
– Јавното обвинителство на Република Македонија Ве известува дека не може да се произнесе за било кое лице, за спроведување на истражни дејствија, како и на посебни истражни мерки – велат за „Фокус“.
Доколку властите решиле да го следат Заев, како што тврди самиот, тогаш морале да утврдат сомнеж врз основа на кој би го прислушкувале. Тоа значи дека за делото кое се очекувало да го изврши е предвидена казна затвор над пет години.
Според Законот за кривична постапка може да се следи група, банда или друго злосторничко здружение, како и за делата „грабнување“, “производство и продавање дрога“, „изнуда“, „уцена“, „перење пари“, „поткуп“, „незаконско посредување“, „влијание врз сведоци“, „тероризам“ и „кривични дела против државата.
Многу од овие кривични дела може да се поврзани со изборен процес. Особено делата во кои главен збор имаат парите.
Законот овозможува, ако институциите проценат дека ако некој е опасен или сомнителен, да се следат телефонските комуникации и да се снимаат, да се следат контактите преку телекомункациските системи, прислушкување и снимање на домот, снимање на службените простории, на возилото.
Мерките за следење е дозволено да траат четири месеци, или уште дополнителни четири, но само за некои кривични дела, не за сите. Секој ден за оствареното се доставува извештај до Јавниот обвинител. Во случајов, доколку имало следење, обвинителот Марко Зврлевски знаел сѐ за претседателот на СДСМ, Заев.
Доколку Заев бил следен во предизборието значи дека се поминати четири месеци, дури и да бил сниман за дело за кое е дозволено осум месеци, рокот изминува. До сега надлежните не се изјасниле дека е откриено некакво кривично дело од Заев, што не значи дека тоа може да биде објавено и подоцна со оглед дека законот овозможува архивирање на доказните материјали шест месеци по завршување на мерките.
Но, снимените материјали може и веднаш да се уништат ако се одлучи дека не постојат елементи на кривично дело.
Сите овие законски одредби отвораат неколку дилеми, се разбира, доколку Заев е навистина следен и сниман. Како на пример, за кое дело би бил прислушкуван, од кога до кога траеле мерките, дали е само следен тонски или има и видео, дали се уништени материјалите ако не се открило ништо, дали пак му се подготвува кривина пријава.
Како и да е, можното следење на Заев отвора полемика, но на прва не изгледа толку опасно како тоа на Љубе Бошкоски. Таму власта не чекаше да се објават ниту изборните резултати, туку ден по изборите го приведе од скопскиот ресторан „Воденица“ откако еден час претходно обезбеди налог за снимање од судот, и тоа првично само устен.
Коментарот за обвинувањата на Заев од Министерството за внатрешни работи е дека полицијата доследно ги почитувала и ќе ги почитува важечките закони и Уставот на Република Македонија.
– Посебните истражни мерки се реализираат исклучиво согласно утврдените процедури, односно со соодветни наредби од органите на прогон кои хиерархиски се поставени над полицијата. Затоа би сакале да Ве упатиме Вашиот одговор да го побарате во тие институции – велат од МВР.
„Фокус“ побара од владиниот портпарол Александар Георгиев да добиеме било каков коментар за обвинувањата на Заев, меѓутоа до овој момент нема никаква реакција, ниту пак одговор на прашањето дали постоел телефонски разговор меѓу Заев и Груевски на оваа тема во пресрет на изборниот ден.