Ќе никне уште еден барокен хотел кај СРЦ Кале

by Фокус

Кај скопскиот Спортско-рекреативен центар „Кале“ ќе се гради уште барокен хотел, откако попладнево Министерството за транспорт и врски продаде државно градежно земјиште за 110 евра по квадрат преку електронска лицитрација. Почетната цена за оваа парцела беше 61 денар или околу евро по метар квадрат и наддавањето се вршеше во чекори од по 10 денари, за на крајот 2.350 м2 министерството да ги продаде за нешто околу 260.000 евра.

Во вторникот, во непосредна близина на денеска продадената парцела, министерството продаде државно градежно земјиште за 45 евра по квадрат, односно за 3.742 м2 државата доби  нешто околу 167.000 евра. И таму ќе се гради барокен хотел.

Според огласот најповолните понудувачи во двата случаја се должни фасадното обликување на објектите да го изработат во еден од стиловите на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Пред издавање на одобрение за градење, потребно е Комисија формирана од страна на Министерот за транспорт и врски да ја одобри фазата архитектура од основниот проект. Објектите треба да биде висок 25 метра со подрум, шест ката и поткровје.

– Станува збор за една градежна парцела, наменета за изградба на хотелски комплекс со површина 2.350.2 м2 чија почетна цена на електронското јавно наддавање изнесуваше 61 денар од метар квадратен. Најповолен понудувач на одржаното електронско јавно наддавање е правното лице „Вардар експрес“ ДОО – Скопје со понудена највисока цена од 6.780 денари за метар квадратен, односно вкупно 15.933.000 денари за целото земјиште – велат од Министерството за транспорт и врски за денашната аукција.

Најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од електронското јавно наддавање.

Вкупно шест физичките и правни лица учествувале на електронското јавното наддавање.

Поврзани новости