Мојсоски: АМС нема да ги признае резултатите од Изборното собрание на ФФМ!

by Fokus

Првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски испрати официјален допис до Фудбалската федерација на Македонија, во кое тој им нагласи уште еднаш, дека нема да ги признае резултатите од Изборното собрание при ФФМ кое треба да се одржи утре.

„Ја известуваме јавноста дека Агенцијата за млади и спорт нема да ги признае резултатите од Изборното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) коешто ќе се одржи утре и нема да учествува со свој претставник.

АМС како единствено владино тело коешто е надлежно за работите од областа на спортот и вршење надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за спорт, веќе подолго време бара усогласување со Законот за спорт, а ФФМ и покрај бројните укажувања, продолжува да функционира спротивно на законот и позитивното право во државата.

ФФМ подолг период ги игнорира и одлуките на надлежните институции и продолжува со непочитувањето на Законот за спорт и покрај инсистирањето на АМС.

Иако се покренатите институционални и судски постапки, ФФМ продолжува да функционира и да делува спротивно на Законот за спорт и позитивното право во државата.

Имајќи предвид дека мандатите на делегатите, комисијата за избори, претседателот и членовите на УО на ФФМ, истекуваат на 17.02.2021 година, АМС известува дека нема да биде признаен незаконски избор на делегати од ОФС, како и избор на тела во ФФМ.

Законот за спорт важи за сите подеднакво и сите учесници се должни да го почитуваат. Имаме поддршка од поголемиот број на клубовите од прва и втора лига за доследно почитување и примена на Законот за спорт. Напредокот на спортот е возможен само со заеднички напори и почитување на законските регулативи“, стои во соопштението.

Поврзани новости