Мојот син е геј и тоа е ОК – родители на ЛГБТИ деца ќе си даваат меѓусебна поддршка

by fokus

Со објава на писма од родители на деца од ЛГБТИ заедницата, испратени до Центарот за поддршка, започна кампањата – Родители на ЛГБТИ деца, не сте сами!

Сите родители можат да се приклучат и да се поврзат со други родители кои поминувале или поминале низ процесот на прифаќање и поддршка на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет на нивното дете, да споделат искуства, прашања и чувства – информираат од Центарот за поддршка.

-Ние, родителите, семејствата и пријателите на лејзбејки, геј, бисексуалци, трансродови лица и сите припадници на ЛГБТИ заедницата, ја славиме различноста и имаме визија за општество во кое сите се прифатени, вклучително и тие со различни сексуални ориентации и родов идентитет. ЛГБТИ Центарот за поддршка посакува добредојде на сите кои сакаат да учествуваат, да поддржуваат и се надеваат дека оваа визија ќе се реализира.

Нашите членови се родителите, семејствата и пријателите на ЛГБТИ лица, а и самите ЛГБТИ лица. Тоа значи една група со разнолики политички, религиозни и културолошки перспективи. Доколку имате потреба слободно и без било каква осуда да разговарате за она низ што поминувате и да слушнете други перспективи и искуства, ЛГБТИ Центарот ви стои на располагање – порачаа од таму.

На нивната страница е објавено и првото отворено писмо од мајка чиј син е геј, кое го објавуваме во целост.

-Беше некаде пред околу 6-7 години кога мојот, штотуку влезен во тинејџерските години, син дојде од училиште видно растревожен:
„Децата ми се смеат дека сум бил геј!“
„А геј ли си?“ – го прашавме јас и татко му.
„Не знам!“ – одговори.
„Види како ќе се чувствуваш во наредните години, верувам дека само ќе ти се каже.“
И толку беше.
Поминаа години, тој заврши основно училиште, почна средно училиште и еден ден не седна на маса, цела фамилија, и ни соопшти дека е геј. Мојот сопруг, неговиот татко, е нешто најубаво што и се случило на нашата фамилија. Тоа што неговиот син има различна сексуална ориентација за него не беше ама баш никаков проблем. За него, нашиот син беше исто тоа прекрасно, вредно и работливо момче како и вчера.
А јас, за мене не беше баш така. Првите мисли кои ми поминаа низ глава беа многу себични: „Што ќе речат нашите пријатели и роднини?; Ќе не отфрлат ли или ќе разберат и прифатат?; А што ако се зарази со ХИВ вирусот?; Што ако западне во лошо друштво?; Може ќе почне да зема дрога?; Како јас како родител ќе можам да му помогнам полесно да ги преброди предизвиците што го чекаат, а не познавам ниту еден геј (барем така мислев тогаш)?“
Неколку месеци ме мачеа овие мисли но, целото тоа време знаев со сигурност само едно, јас многу го сакам мојот син и не би сменила ништо кај него. Тој е млад човек со добри манири, вреден и неверојатно храбар. Тоа ме натера да помислам: Kолкава само храброст е потребна да се соочиш со твоите најблиски и да им кажеш нешто толку интимно за тебе; нешто што може да ги расипе семејните односи засекогаш? Тогаш борбата која ја водев со себе си беше завршена! Во меѓувреме се почувствував спремна да излезам и да кажам на целиот свет дека мојот син е геј и тоа е ОК.
Денес, нашиот син не се дрогира, нема ХИВ и има прекрасен круг на пријатели околу него. Тој е сè уште прекрасен млад човек со големи аспирации да остави позитивна трага врз иднината што доаѓа. Што се однесува до нашите пријатели и семејство, вистината е дека многу од нив си отидоа.„Не биле вистински пријатели“ – си помислив. Но, со тие што останаа во нашите животи, врската е многу посилна од порано. Дојдоа и нови пријателства, луѓе со интересни искуства, луѓе отворени и искрени, луѓе со кои времето како да лета кога ќе се сретнеш.
Животот е многу интересна појава и понекогаш те носи на целосно неочекувани и различни места. Сепак, ако имаш здраво семејство и многу љубов, сите предизвици на живеењето ќе ги пребродиш многу полесно и ќе излезеш како подобра личност. Јас ја имам таа среќа да имам прекрасно семејство.

Писмо од мајка на геј син

Вики Клинчарова 

Поврзани новости