Имам проблем со еден Грк. Јорго. Тој е шеф на кујната во хотелот каде што сум сместен деновиве на Халкидики. Меѓу другото, од летувањево очекував да ми помогне да намалам килажа. Имав и добри изгледи за тоа, трчајќи по ќерка ми, од барот до плажата, од базенот до рецепцијата и така во круг. Но, chef de cuisine Јорго готви толку добро и обилно, што за неколку дена дури и се здебелив, наместо да ослабнам. Проблем. Биг проблем. И за тоа е виновен овој Грк, chef Јорго.
Вчера, за вечера, тргнав кон ресторанот со решение исковано уште за време на попладневната дремка – ќе се воздржам од јадење. Но, ете го Јорго во ресторанот, застанал со рацете на колковите, таков, дебеличок, со широка и добродушната насмевка која ги открива неговите троа проретчени заби под густите балкански мустаќи, прошарани со среброто на годините и големите пријателски очи. Будно внимаваше на секој од бројните гости. Гордо покажуваше на секое од пет-шесте јадења и уште толку салати кои во неограничени количества се пружаа пред нас.
МОЈОТ НЕПРИЈАТЕЛ, ГРКОТ ЈОРГО
„Тејк, тејк мор!“ – ми вели покажувајќи со својата полничка рака на низата јадења, на чиј почеток беа живописни полнети бабури, а на крајот вкусната морска риба. „Поли орео!“ – додаде покажувајќи ми го познатиот готвачки симбол од составен палец и показалец. Силен балкански акцент. Јас направив гримаса со дување на образите, на што тој се насмеа, покажа на себе и ми рече: „Ела ре!“. Јас веќе бев прејаден од глетката, а и од салатите претходно, но си реков да го спроведам своето решение од утре. „Евхаристо“ – му реков помирливо и се нафрлив на храната, а тој ми врати со „параполи, филе му“.
Така беше и денеска кога Јорго направил неколку видови јадења со месо, тестенини, сосови и мусака со некој посебен рецепт, непознат за мене. Имаше и една нова салата. За крај, десерти… Ух! Притоа, Јорго решил да ја почести нашата и неколку други маси со вино и сокови. Навистина, жесток непријател.
За сѐ да биде во одличен ред се грижи шеф сале Дуле од Скопје. Љубезен, брз и духовит се првите три квалитети што избиваат од него. Тој и келнерките се грижат послужавниците да бидат полни цело време. И шанкерката од барот е од Скопје. Заработува триста евра месечно. Тоа е платата. Сместувањето и храната се бесплатни. Бакшишот е нејзин, но многу ретко го оставаат, вели во краткиот разговор со нас.
„Добар ден“, „како сте“ и „дали ви треба нешто“ слушам на секој чекор од собарките и од другиот персонал. Сите се од Македонија, со исклучок на едната од рецепционерките која доаѓа од Србија. Примањата не им се многу повисоки од тоа што би го добивале во родната земја, но пресреќни се што воопшто имаат можност да работат. „Дома нема работа. Нема ни иднина. А овде нема политика, сите сме релаксирани“ – велат тие, релаксирано. Тоа им доаѓа некако како бонус.
Македонци, Срби, Албанци и Грци се персонал во хотелите, баровите и во рестораните низ цела Грција. Се дружат за време на паузите и по работното време. Дуле од нашиов хотел вели дека Грците немаат никаков проблем кога тој носи маица на која со кирилица стои името Македонија. Дел од натписите во хотелот и во други локали се и на македонски јазик.
„ПОЛИТИЦАРИ САКААТ НИЕ КАРАМЕ, ЗА ТИЕ ЗИВЕАТ ПОДОБРО“
Овие разговори со моите сограѓан(к)и деновиве ме потсетија на 2008 година, кога се одржуваше самитот на НАТО во Букурешт. Тие денови, спорот за името беше тема со која се отвораа и затвораа безмалку сите медиумски содржини, а власта ги удри темелите на македонскиот кошмар наречен Скопје 2014. Тогаш, мојот пријател Давид, холандски новинар, доби задача да направи репортажа од Македонија за ситуацијата во земјата пред НАТО самитот.
Ги следевме медиумите и настапите на политичарите. Разговаравме со луѓето по локалите, собиравме мислења од јавни личности. Како и секогаш во вакви прилики-неприлики, меѓуетничките односи беа наелектризирани. Тогаш, на само неколку дена пред Самитот, тргнавме кон југот на земјата, на границата со „нашиот јужен сосед“. Сакавме да видиме како се чувствуваат луѓето во непосредна близина на земјата со која толку години водиме дипломатски битки и војна на зборови.
Во еден ресторан во Гевгелија беа седнати неколку мажи. Трпезата беше богата со јадење и пиење. На масата се говореше македонски и грчки. Им се претставивме и ги прашавме дали може да поразговараме. Во истиот миг ни беше нарачан бокал вино, чинии и прибор. Во тоа рано попладне, седнале пријателите од двете страни на границата да се гостат. Двајца од нив беа Грци, едниот од Солун, другиот од Атина. Тројцата Македонци беа локални, од Гевгелија. Само едниот беше член на владејачката партија, а другите двајца, добродушно се пошегуваа на сметка на својот пријател и се изјаснија дека се „нормални“. Сите се смееја и разговараа како да се семејство. Ги прашавме како се живее во услови на долгогодишен спор за името, со размена на остри изјави од двете страни, со негирање на името на Македонија. Ги прашавме дали тоа влијае врз нивното пријателство, врз нивното секојдневие.
„Овие љуге мене како браца“ – ни кажа едниот Грк на масата – „политицари сакаат ние караме, за тие зивеат подобро. Ама не мозе!“ Го прашавме дали е можеби Македонец кој живее во Грција, но тој одрече со зборовите „цист Грк“. Воедно, тој ни кажа дека не е единствениот Грк кој нема никаков проблем со името Македонија и дека познава етнички Македонци кои живеат во северниот дел на Грција. Со зивели и јамас, продолжи нашата дружба.
Македонците на нашата трпеза се согласија дека животот им го отежнуваат токму политичарите, кои наметнуваат ограничувања и не им дозволуваат на луѓето нормално да живеат и работат. Но, дека најдобар лек за тоа е да ги игнорираат политичарите и медиумите. „Ако тие решиле да се караат, не мора и ние да се караме. Ај да викнеме уште една тура!“ – заклучи еден од нашите домаќини на веселата трпеза.
На пат накај дома, застанавме во Гостивар и во Тетово. Албанци, Турци и Македонци говореа исти или слични работи како и грчко-македонската дружина во Гевгелија. Секаде наидовме на почит и разбирање за другиот кога бевме меѓу „обичните“ луѓе. Воедно, од нив слушнавме и редица обвинувања на сметка на политичарите и на едната и на другата страна.
ПОЛИТИКАТА И ПРЕКРАСНИОТ „ОБИЧЕН“ ЧОВЕК
Во меѓувреме, стотици милиони евра во облик на споменици и барокни фасади се истурија по плоштадите, битката против сопствениот народ се заостри, а животот стана уште потежок. Ако си за разговор, за мир и решавање на проблемите, тогаш си предавник. Ако си полн со омраза и глупост и тоа фанатично го манифестираш кај стигнеш, тогаш си патриот.
Но, сето тоа овде, во овој мал рај на Халкидики кај што фрливме котва овие неколку дена, не се чувствува ни оддалеку. Мојот најголем проблем е тоа што Јорго готви многу добро и обилно, а притоа и не дозволува чинијата да ми биде празна.
Сепак, политиката го зема својот данок. Нови цркви и црквички никнуваат насекаде. Пред да се симнам по неколкуте скалички до прекрасната плажа, пред да згазнам на златестиот ситен песок и да се изнаиграм со ќерка ми во плиткото, минувам крај грчкото знаме закачено на импровизирано јарболче на чиј врв е закачен пластичен крст. Пред да излезам од долгиот и широк двор на хотелот, преполн со цвеќиња и палми, бели завеси и убаво уредени стреи и сепареа, минувам крај една црквичка одвај повисока од мене, накитена со икони и кандилца, со купола налик на бункерите во Албанија од времето на Енвер Хоџа.
Кога ќе излезам од паркингот на хотелот, в лево, на дваесетина метри, има црква. На плафонот-огледало од лифтот има златна апликација на сонцето од Вергина, како потсетник на тоа дека сентиментите форсирани од Илинденска ББ во Скопје, се чувствуваат и овде, на Халкидики, „егејскиот дел на Македонија“ (како што МК-националистите би го нарекле овој дел од Балканот). Сентиментите кои со децении ги форсира и официјална Атина.
Јарболчето со малиот пластичен крст и малата црква во дворот ги поставил газдата. Кај нас дома, власта подига јарболи високи десетици метри и со нив ги означува териториите на етничките Македонци и етничките Албанци. Али Ахмети, исправен под развиореното албанско знаме на високиот јарбол во Кичево, раскажува за херојството на УЧК и за победата на правдата, Мендух Тачи хистерично повикува на разно-разни пресметки со предавниците на албанските интереси во Македонија и истовремено коленичи за да стане дел од власта на Никола Груевски.
Ахмети, како и Амди Бајрам, зоба од сеното на власта откако ја формира својата Демократска унија за интеграција во 2002 година, со исклучок на една и пол година кога сноп сено му беше фрлено на Тачи, колку да заборави обработениот ни народ дека Груевски се колнеше дека нема да коалицира со терористи. Сите заедно се потпираат на клерикализмот – ново оружје на нивниот појас, измастено од крвта на „обичниот“ човек. Диригирано токму од главната фаца во осумгодишната влада.
ВО КАНЏИТЕ НА КЛЕРИКАЛИЗМОТ
Ако погледнеме во „спротивната“ страна, грчкото општество никогаш не успеа да се извлече од канџите на клерикализмот, кој, пак, ревносно го негува национал-шовинизмот и се обидува да ги држи слободарските идеи на многумина Грци во идеолошко гето. Сето тоа е придружено со силна социјална пресија и делумно успешна полициско-медиумска контрола. Резултат е општество во континуирана мобилизација против непријателите и земја со сериозни развојни проблеми.
Велам делумно успешна полициско-медиумска контрола, бидејќи другарчињата во Гевгелија, chef Јорго и сите Македонци кои овде ги запознав ми кажуваат дека, сепак, прекрасниот и голем „обичен“ човек наоѓа начин да остане „нормален“. За жал, државните политики немаат никаква врска со сентиментот на „обичниот“ човек. Напротив, најголем дел од овие кутри народи се неми набљудувачи, но често и соучесници во наци-лудилото кое токму ним им се крши од глава.
И да… Се прашувам дали и колку овие исти луѓе би рекле дека не ги интересира политиката и спорот со името назад дома, додека чекаат во редицата во Агенцијата за вработување или додека се разминуваат со десетиците мермерни или бронзени џиновски фигури на сомнителни типови од минатото и животните со кои се опкружени или ги јаваат. Се прашувам и колку од љубезните наши домаќини во летната сезона успеваат да одолеат на пропагандата на грчките националисти во зимските месеци.
Клерикализмот, национализмот, клиентелизмот и растечката омраза и поделби во нашето општество ги гледаме како растат и се развиваат во реално време (real-time). Гледаме како никнат цркви и крстови што ги гради власта и „донаторите“ кои се офајдиле од седењето на истата трпеза со власта.
На трпезата се сервирани нашите тела и сништа кои ги сечкаат и бодат со златните виљушки и ножеви, кои ние, граѓан(к)ите, им ги дадовме в раце.
ДОБРИ ВЕСТИ
Добри вести: стариот добар внатрешен непријател, Албанците, сега имаат ново руво – исламски екстремизам и тероризам. Ако не ми верувате мене, прашајте ја владата на Груевски. Ете уште една убава играчка во игротеката на власта.
Толку непотребно и бесмислено. И толку болно! Партиите на власт во Македонија, како и во останатиот дел од Балканот, го втурнаа овој регион во историско и генерациско интермецо. Не постои повеќе генерација, затоа што нема никакво обележје. Младите пред дваесет години имаа барем некакви илузии кои денес лебдат мртви на површината од општественото мочуриште. Голем дел од младите денес немаат никакви илузии или сништа, ништо. Нема ни што да умре кај нив. Тие што имаат сништа, нивното остварување го гледаат далеку од овде. Со право.
За тоа време, неми поворки од луѓе ја сочинуваат машинеријата на денешната власт. Био-административна машинерија од живи луѓе и безличен бирократско-полициски апаратус. Апаратусот не може да опстане ако не меле живо човечко месо секој ден. И секој жив е дел од таа машинерија, било да е нем послушник, хипнотизиран зомби или освестен бунтовник. Сите имаат свое место во машината. И ќе им дојде редот за мелење.
Не се работи повеќе ни за патриотизам, ниту страв, а ниту за додворување на власта. Не се работи за верба, ниту за вера.
НАГОН ЗА ПРЕЖИВУВАЊЕ
Како војниците во рововите во Првата светска војна кои толку долго биле во рововите што заборавиле и зошто се таму, само отворале или примале оган од ист таков ров недалеку од нив. Истата сива, каллива и со крв прошарана слика со години, истите зборови и истата неумолива навика да се мисли на преживување од ден на ден. На крајот, не се мисли повеќе ни на тоа, сѐ станува рефлекс. Се триеш од рамото на твојот другар со години во ровот, чиј мирис на телото и на изметот станале исти како мирисот на твоето тело и на твојот измет. Тој паѓа, погоден од огнот на безличниот ров на другата страна. Ти продолжуваш да пукаш, за да преживееш, бидејќи моторот на твоето тело така ти кажува, ништо друго.
Така и во обичниот ни живот денес. Повеќе не обрнуваш внимание на тоа дали главата што зборува од малите екрани или од говорницата го кажува тоа што и ти го мислиш и дали го прави тоа што ти го очекуваш. Не ти е важно повеќе ни дали веруваш или не, дали мора да си послушен или не, дали мораш да се прекрстиш кога минуваш крај црква или да клањаш во џамија в петок. Ништо од тоа повеќе не е важно, бидејќи земјата е испарцелизирана, а маркиците се во џебот на безличните моќници. Нагоните за преживување го прават своето, но тоа нема никаква врска со надежта, а уште помалку со моралот.
Одличниот chef Јорго, големиот непријател на мојата линија, не е непријател на идентитетот на мојата земја, што и да означува тој збор. Постојано констатираме дека Грција, како дел од ЕУ и НАТО, е поголема и помоќна. Факт. Но, што со тоа?
За да го победиш посилниот од тебе, треба прво да сфатиш колку слаб си самиот. И дали сакаш да победиш. И дали има смисла да се обидуваш. Можеби тој што стои наспроти тебе не ти е непријател, туку неоткриен пријател или партнер.
За да се открие тоа, не ни се потребни илинденските говори на Груевски, Трајко Вељаноски и Ѓорге Иванов. Не ни требаат спикери со верско-фанатични пораки за духот на христијанската љубов меѓу Македонците и Грците. Ни требаат луѓе што ги почитуваат правата и што живеат во реалноста. На сите граѓан(к)и на овој свет им треба живот сега и овде, пристоен и достоинствен, а не фанатици и криминалци кои бладаат во нивно име, а профитираат во свое.
BEACH BAR
Во духот на љубовта кон животот и неможноста да ги доведам докрај сите тези во нашата денешна средба, попладнево имам ниет да се упатам во еден бич бар (beach bar) во кој има добра музика. Пред некој ден славеа 20 години постоење. Лежалките се бесплатни и немаат ознаки дека се само за холандски и белгиски гости.
Секое катче од огромната градина која му претходи на песочниот дел на овој бар е пребогат со интересни детали. Млади и убави луѓе, како и оние млади по дух, опуштени, уживаат во музика, сонце, вода, песок, амбиент… Убави и млади луѓе, со питорескни тетоважи по целото тело, танцуваат.
Зборуваат на различни јазици, но уште подобро се разбираат со своите насмевки и говорот на телото.
Јас и ќерка ми ќе ги ставиме очилата за сонце и ќе се смееме. Таа деновиве измислува нов јазик.
Секако, секако… Сѐ ја разбирам!