Мое обраќање до Студентскиот пленум

by Фокус

Ме праша еден сосед, повозрасен човек, што всушност прават студентиве со нивниот Пленум. По кусо размислување, барајќи најкратко можно објаснување за нивната активност во последниве пет месеци, ми текна само една дефиниција. Се зезаат, му одговорив. Човекот ме погледна разочарано, веројатно затоа што очекуваше некоја попродлабочена, а богами и посериозна елаборација за студентскиот активизам во одбрана на универзитетската автономија, што како уникатен процес се случува пред нашите очи од октомври минатата година. Сепак, јас сериозно го мислам она што го кажав, без оглед што можеби мојот сосед остана навреден. Бидејќи, според моето сфаќање, зезанцијата е сериозна работа и најсилната, а можеби и единствената можна одбрана од агресивните напади на власта.

Ова го пишувам во моментите кога Студентскиот пленум е под силен притисок од сите страни. И однадвор и однатре. Однадвор е власта и сите нејзини жонглирања со „топло-ладно“ манипулациите пласирани преку провладините саксофони, контра-пленумите, распеаните дружини за спас на Македонија и партиските подмладоци кои се загрижени што не можеле да посетуваат факултетска настава. Однатре се довчерашните сојузници на студентите, било од редот на ректорите, деканите и дел од професорите, кои сметаат дека студентските барања, по последното одложување на измените во Законот за високо образование, се исполнети. И дека „окупацијата на факултетите“ треба веднаш да прекине. Однатре се и разноразните емисари од некои невладини организации кои го поддржуваа Студентскиот пленум, а кои во меѓувреме пројавија и политички амбиции, сметајќи дека сега е најпогодниот момент со агитација да ги придобијат пленумците за свое членство. Ако на тоа го додадеме и спиењето во шатори или на клупите во факултетските аули, користењето заеднички санитарни јазли, недоволните средства за хигиена, храна и вода и, сето тоа проследено со перфидните гласини за „негарантирана“ безбедност во ноќните часови, тогаш ситуацијата навистина не е розова.

Токму затоа, јас, Гордана Попсимонова, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна и мајка на студент кој е дел од Вас, како малечок и спонтан дел од неформалниот и нов „граѓански фронт“ во Македонија, чувствувам обврска да Ви порачам неколку работи:

Прво, Вашето барање за донесување сосема нов Закон за високо образование е праведно.

Второ, Вашето отфрлање на обидите за манипулација на власта со одложување на последните измени во истиот Закон, е исправно.

Трето, Вашата лутина од ароганцијата и безобразието на премиерот и неговата клика кои со месеци Ве влечеа за нос, е оправдана.

Четврто, Вашата недоверба во надлежните институции кои сакаат да Ве вовлечат во кабинетско-комисиски процедурализам, е основана.

Петто, Вашата борба за ослободување на Универзитетот од стегите на една тоталитарна власт, е возвишена.

Шесто, Вашата битка за уривање на моделот на клиентелистички лажни вредности и воспоставување нов систем заснован на реално знаење, е автентична.

Седмо, Вашето влијание врз создавањето нова граѓанска свест заснована врз одговорноста на секој поединец во општеството, е ексклузивна.

Осмо, Вашиот придонес во ослободувањето на затворениот новинар, во покачувањето на платите на наставниците и измените во Законот за хонорари, преку солидаризирање со ЗНМ, СОНК и еснафските здруженија, е огромен.

Деветто, Вашата улога во разбивањето на митот за нашиот ропски и поданички менталитет, е слободарска.

Десетто, Вашата кауза за вистина, правда и демократија, е света.

Наведов десет причини (иако ги има многу повеќе) поради кои во ниеден момент не треба да се посомневате во праведноста на Вашата мисија, или недај Боже, да имате грижа на совест дека она што го правите можеби е погрешно. Како и да заврши оваа битка, кога и да зврши –  вие сте победниците. Благодарение на Вас, Македонија во сите светски медиуми не е веќе темен вилает на автократски жабурник, туку сé повеќе заличува на нормална земја во која нормални студенти се борат за најнормалните работи на светот – подобри услови за учење, работа и живот. Продолжете како и досега – со храброст, упорност, достоинство и – зезање. Само напред, мили мои.

Со огромна почит,
Гордана Попсимонова

Поврзани новости