Контраши ќе се појават и на окупирањето на Битолскиот универзитет

by Фокус

Битолските студенти велат добиле дојава дека за време на денешната окупација на Техничкиот факултет во Битола ќе бидат организирани протести од контра-студенти кои се противат на активностите на пленумот. Контрашите ќе излезат на протест со девизата „Сакаме да учиме“, па поради тоа битолските студенти апелираат до своите колеги, до средношколците и до граѓаните кои ги поддржуваат, за масовност при окупацијата.

– Добивме дојава дека утре, при прогласувањето на ‪Автономна зона‬ на Техничкиот факултет во Битола, ќе нè пречекаат „Сакаме да учиме“ или контра-студентите, по партиска директива. И ние сакаме да учиме, а утре ќе ви покажеме како тоа се прави, односно како ние го замислуваме образовниот процес! Слободен, независен и квалитетен! Еве, ние од Студентскиот пленум како единствено легитимно студентско движење уште од сега им кажуваме дека аргументирано сме подготвени за секакво опструирачко сценарио од контра-студенти кое претпоставуваме дека ќе случи. Дојди и приклучи се! МОН окупира, Пленумот – еманципира! – порачуваат битолските пленумци.

Тие им праќаат порака и на контра-студентите:

„Контра-пленумци, ако ви останат утре сендвичи – не ги фрлајте! Донирајте ги во автономната зона!“, стои на нивниот фејсбук профил.

Прогласувањето на автономна зона на Техничкиот факултет во Битола е планирано за денеска во 12.00 часот. Од Пленумот велат дека чувствуваат обврска да ги ослободат универзитетите кои Владата ги окупирала.

Поврзани новости