Модерните режими на големо „упражњаваат“ секс-шпионажа

by Фокус

Текстот е објавен на 4 октомври 2013 година во неделникот „Фокус“.

Пишува
Владо АПОСТОЛОВ

Eдна земја неодамна славеше 22 години независност откако во 1991 година се измолкна од канџите на големото комунистичко семејство. Таму живее народ горд на своето минато, кое, според учебниците, датира далеку пред раѓањето на Исус Христос и кое е опишано во старогрчките митови.

Денес територијата на оваа држава е обоена со жолто во мапата на „Фридом хаус“, со која се маркираат делумно слободните земји, додека на листата на „Репортери без граници“ веќе со години е под непопуларното 100. место.

На неприкосновениот лидер, устата му е полна со реформи, ама опозицијата му била слаба и не соработувала, додека тој не може да се пофали дека ја контролира целата територија.

Стејт департментот во извештајот за 2012 година нотираше дека за време на последната изборна кампања биле застрашувани, затворани и казнувани активистите на опозицијата. Не била јасно поставена границата меѓу владејачката партија и државата, а владините функционери ги злоупотребувале институциите за партиски цели.

Извештајот наоѓа мани и во партизираното судство и нотира дека притворите знаат да бидат непотребно долги, судиите ретко давале издржани образложенија за задржување на осомничените и речиси секогаш посегале по притвор кога тоа ќе го побарал обвинителот.

Независните печатени медиуми се мачат во натпреварот со весниците што се финансираат од владата. Има три моќни телевизии, државна и две приватни, но за сите важи дека се исклучително блиски до владејачката структура. Полицијата лани не го заштитила мирниот протест за време на Меѓународниот ден против хомофобијата, а од функционерите често може да се чуе дека гејовите се болни луѓе!

 

ГРОЗОМОРНА (ЗЛО)УПОТРЕБА НА ПОЛИЦИЈАТА

Земјата за која говориме нема проблем со името и се нарекува Грузија, додека сите забелешки на Американците се однесуваат на режимот воспоставен од партијата на претседателот Михаил Саакашвили, која абдицираше минатата година по речиси еднодецениско владеење.

Токму смената на властa извади на површина скандал рамен на локален Викиликс, но многу погрд во својата содржина. Во декадата зад нас, грузиската власт направила околу 18.000 снимки од опозиционери, НВО активисти, новинари дури и од свои сопартијци, а меѓу траките има и видеоленти на кои жртвите водат љубов дома или во апартмани, со сопругите, љубовниците или со лица од истиот пол.

Во Грузија помалку на шега велат дека ако во остатокот од светот по скандалот со Едвард Сноуден луѓето стравуваат дека ги слушаат и дека им ги читаат мејловите, Грузијците би биле среќни ако само од тоа треба да се плашат.

Дата-базата на аудио и на видеофајлови е сместена на 358 цедеа, од кои 54 диска содржеле секс-материјали снимени по хотелски соби. Другите снимки се полни со состаноци меѓу опозиционери и активистки, приватни муабети и средби по канцеларии, а снимани биле посети на банки и брифинзи со новинари.

Да се пополни колекцијата, не се штеделе мерките. Полицијата користела скриени камери и софтвери популарно наречен „црни кутии“, а во секој момент можела да ги прати веб-страниците што некој ги посетува, СМС пораките и мејловите, па дури имала можност да шпионира преку камерите и микрофоните прикачени на компјутерите. Полицијата користела и таканаречени „слатки замки“, односно на жртвите им местела лица кои ги мамеле на секс под будното око на камерите.

Матијас Хунтер, член на грузиската „Транспаренси интернешнел“ за „Фокус“ вели дека судот немал доволна контрола врз полицијата.

– Грузиското Министерство за внатрешни работи има „црни кутии“ во серверите на сите поголеми мобилни и интернет-оператори. Има пристап до содржината на телефонските разговори, СМС пораките и до сурфањето. Првиот човек на една телекомуникациска компанија ни кажа дека е свесен оти владата има техничка можност да следи 21.000 телефонски броеви во исто време. А директорите на двата најголеми мобилни оператори признаа дека полицијата има „црни кутии“ во нивната инфраструктура – објаснува Хунтер.

Претходната влада, вели тој, поставила камери и бубачки во хотелски апартмани и така собрала инкриминирачки материјали за репортерите, активистите од граѓанските здруженија, бизнисмени, дипломати и политичари од сите партии.

– Имаше околу 180 часа видеоматеријали со многу приватна содржина, архивата беше уништена неодамна, во септември – вели Матијас Хунтер од „Транспаренси интернешнел – Грузија“.

ВИДЕО, СЕКС И ПОЛИТИКА

Дека полицијата користи недозволени мерки за уцена можело да се насети и во 2009 година кога не ѝ успеала акцијата со новинарот Тедо Јорбенадѕе, кој работи за весникот „Батумелеби“.

Полицајците го повикале Јорбенадѕе во станица каде што му покажале интимни фотографии со неговиот хомосексуален партнер. Му се заканиле дека кадрите ќе му ги покажат на неговиот татко, за кого знаеле дека е многу болен и дека поради „нездравата“ врска ќе ја изгуби работата. Наместо да прифати соработка со полицијата, Јорбенадѕе со своите колеги одржал прес-конференција за инцидентот.

Побизарна пресметка со новинари имало пред три години во соседниот Азербејџан. Две недели пред парламентарните избори, национална телевизија емитувала тајно снимена секс-сцена со уредник на весник, кој бил близок до опозицијата. Видеото се нашло на Јутјуб, а другите весници го добиле во дивиди-формат.

Една од најгледаните национални телевизии „Лидер“ го најавила видеото како „голата вистина за опозицијата“!

Телевизијата во минатото знаела често да ги сатанизира опозиционерите и новинарите како неморални и хомосексуалци, но како што јавува „Радио слободна Европа“ регулаторното тело за медиуми не реагирало ниту во овој, ниту во претходните случаи.

Истата 2010 година, преку сексвидео е детронизиран лидерот на турската опозиција Дениз Бајкал откако еден радикален исламски веб-сајт објавил деветминутно видео, во кое се гледаат полуголи опозиционерот и неговата секретарка, денешна пратеничка.

Видеото се појавило во период кога турскиот Парламент требало да гласа за сет уставни реформи со кои им се ускратувала моќта на генералите и нивните сојузници меѓу судиите, а лидерот на опозицијата бил против промените.

Бајкал беше лидер на просекуларната Републиканска народна партија, а неговиот лут ривал премиерот и умерен исламист Реџеп Таип Ердоган се огради од инцидентот. Снимката со прилично лош квалитет сѐ уште се наоѓа на Јутјуб.

Секс-видеоскандал со шмек на тајна полиција се случи годинава во нашето соседство, кога белградски „Блиц“ објави дека Српската православна црква (СПЦ) поседува снимки на кои бил фатен владиката Качавенда како се милува со едно момче. Снимките беа објавени, свештеникот доби отказ од СПЦ и во медиумите се појави неговото соработничко досие со југословенската Државна безбедност каде што бил заведен како кодошот Пабло.

Качавенда половина век соработувал со домашни и со странски служби, а бил врбуван поради својата сексуална ориентација.

До ден денес не е потврдено од каде потекнува снимката од бизнис-состанокот меѓу поранешниот хрватски премиер Иво Санадер и директорот на унгарската нафтена компанија „Мол“ во една посебна просторија во загрепскиот ресторан „Марселино“. Според пишувањата на хрватските медиуми, на таа средба Санадер ја договарал спорната продажба на нафтената индустрија „Ина“, а на самиот старт од разговорот ја извадил батеријата од мобилниот плашејќи се од прислушување иако во моментот бил претседател на Владата.

Мистеријата да биде поголема, газдата на „Марселино“ тврдеше дека во ресторанот нема камери, а истиот локал му служел на Санадер кога контактирал со министрите на ХДЗ зад грбот на Јадранка Косор. Хрватскиот суд го прифати видеото како доказ во случајот „Ина-Мол“ против Санадер!

ИГРАЧКИ ЗА МАЛИТЕ ДИКТАТОРИ

Пред речиси две години, Викиликс почна да објавува документи поврзани со индустријата која произведува опрема за упад и за надзор, а третиот комплет од документи наречен Спај фајлс 3 излезе минатиот месец на официјалниот веб-сајт.

Меѓу објавените фајлови има брошури, упатства за употреба, каталози и договори за набавка на опрема, а, според нашето пребарување, ниту еден документ не се поврзува со Македонија.

Според Џулијан Асанж, постојат стотина компании, од кои триесет големи фирми што произведуваат апаратура која е лесно достапна и за незначајните и евтини диктатори.

Викиликс објави дека по промената на режимите во Египет и во Либија била откриена опрема од неколку западни произведувачи, меѓу кои и британската „Гама“. Токму оваа компанија е поврзана со софтверот за упад и за надзор Финфишер.

Британската „Гама“ го продава, додека истоимената минхенска компанија го развива програмот за кого во детали пишуваше истражувачката група „Ситизен лаб“ од универзитетот во Торонто.

Истражувачите пролетоска ја ставија и Македонија на мапата од земји кои го користат озлогласениот Финфишер, кој, според Ситизен лаб, иако се продава како софтвер за законско пресретнување комуникации, бил користен за напади врз активисти за човекови права и врз опозиционери во земјите со сомнителни демократски досиеја. Канадските истражувачи го нотирале и провајдерот на Финфишер во Македонија!

Во истражувањето што е достапно на интернет стои дека ако земјата поседува Финфишер сервер тоа само по себе не значи дека владата оперира со опремата и дека ја злоупотребува.

 МОБИЛНИТЕ ОПЕРАТОРИ ОПЕРИРАНИ ОД ОДГОВОРНОСТ

Во Македонија, полицијата може да следи и да врши надзор над електронските комуникации доколку се сомнева оти некој направил едно од 21 потешко кривично дело. Нормално, за секое следење и прислушкување потребна ѝ е дозвола од судот.

Универзитетскиот професор и поранешен разузнавач Владимир Пивоваров тврди дека во Македонија законите не гарантираат оти службите нема да го злоупотребат надзорот.

– Нелегалното прислушување е кривично дело без разлика кој го прави и зад тој процес секогаш останува електронска трага. Проблемот во Македонија е што мобилните оператори не се вметнати во Кривичниот законик и ако се случи нелегално прислушкување, тие би биле соучесници – објаснува Пивоваров.

Тој предлага да се воведе германскиот систем, кој оневозможува полицијата да има директна комуникација со мобилните оператори. Доколку германското Министерството за внатрешни сака да прислушува, упатува барање до судот, а тој до независниот мобилен оператор, кој е финансиран и под контрола на Бундестагот.

Само оваа институција може да комуницира со комерцијалните мобилни оператори и до неа пратениците имаат слободен пристап. Кај нас полицијата, вели Пивоваров, откако ќе добие судска дозвола, може директно да се приклучи на серверите од мобилните оператори.

– Мора да се сменат законите за да се поврати довербата во безбедносните институции, која е тотално изгубена по објавувањето на досиејата во 2000 година и со лустрацијата. Нашите служби веќе не собираат податоци од луѓето, што е спротивно на сите светски науки, кои укажуваат дека човечкиот фактор е незаменлив – вели Пивоваров и коментира дека владее фама дека сите се прислушувани.

Што се однесува до искуството во Македонија, не може да се набројат примери на уцени со незаконски снимања, иако постојат шпекулации кои се стигнати на ниво на митови и кафеански муабети, како оној дека извесна политичарка преку ноќ го сменила ставот откако некој ѝ презентирал снимки од авантура на паркинг. Од друга страна, оваа власт како никоја досега ја користи лепезата на таканаречените посебни истражни мерки за случаите кои според полицијата се легитимни.

Како и во случајот со Грузија, евентуалните злоупотреби на системите за прислушување и следење може да се откријат по смената на власта, каков што е и примерот со актуелното досие „Темел“, каде што жртви се членовите на старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Поривите за незаконско следење ги објаснува Ека Гигаури, директорката на грузиската „Транспаренси интернешнел“, за новинарите од истражувачката мрежа OCCRP:

– Откако Владата имплементираше реформи, министрите си помислија дека луѓето немаат право да ги критикуваат. Сѐ почна од тоа. Тие ги сметаа за непријатели тие што размислуваа поинаку и создадоа систем за да ги набљудуваат. Истото се случи и со бизнисите. На крајот од денот, луѓето поврзани со владата станаа газди на големите компании, така што бизнис-заедницата не можеше да ги финансира другите партии. Толку е едноставно!

Иако сличностите со Македонија се очигледни, сѐ уште не сме дошле до фаза во која секс-снимки ќе се објавуваат на националните телевизии, иако интернетот и Фејсбукот се полни со дискредитации и со повици за линч.

Репортерите на OCCRP велат дека Грузија има богата историја на шпионирање на своите граѓани уште од времето на Руското царство, особина која како епидемија се проширила за време на СССР. Ако има некаква утеха за Македонија, тоа е фактот дека од тлото на оваа земја не изникнале ликови од профилот на озлогласените Грузијци Јозеф Сталин и неговиот шеф на тајната полиција Лаврентиј Павлович Берија! Или, барем досега немавме такви!

Поврзани новости