Мобилните оператори „Вип” и „Оне” ќе се спојат во новоосновано друштво со ограничена одговорност со назив „Друштво за комуникациски услуги ОНЕ-ВИП ДОО Скопје“, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата, нагласувајќи дека конечната одлука е резервирана до разгледувањето на евентуалните забелешки од трети страни, кои може да ги поднесат во рок од 10 дена.
„Врз основа на прелиминарното испитување, Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана. Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата“, се вели во сооштението на КЗК.
Новата компанија ќе биде под единствена контрола на mobilkom Mazedonien Beteiligungsverwaltung GmbH, австриска компанија која е дел од Телеком Австрија и е сопственик на операторот „Вип“.