Опозицијата бара оставка од раководството на МЕПСО

by Фокус

Најмалку што може да направи раководството на МЕПСО, по скандалот во којшто околу 200.000 луѓе во земјава останаа без струја или без електрични апарати, е да си поднесе колективна оставка, истакна Атанаско Туневски, член на Комисијата за енергетика на СДСМ.

– Вкупниот годишен приход на МЕПСО за пренос на електрична енергија изнесува нецели 35.000.000 евра. Тука не се вклучени луксузите за фасади, ски центри, прослави, туку парите на граѓаните се за покривање тековни оперативни трошоци. Но, МЕПСО третина од овие пари или 10.5 милиони евра троши за барокна фасада! Компанијата не троши само за барок, туку го шири својот интерес и кон туризам, па 2,6 милиони евра пари на граѓаните за струја, одат за сноуборд патеки на Пониква и Крушево! Небаре се работи за агенција за развој на туризмот, а не за компанија задолжена за стабилен пренос на електрична енергија. И туристичките афинитети на МЕПСО не завршуваат со Пониква и Крушево. Државната компанија си дозволува да потроши околу 200.000 евра пари од граѓаните за Физибилити студија, за развој на зимскиот туризам на Јабланица! Дури 200.000 евра, за 100 страници хартија, во коишто се испишани желбите на власта, додека во околината на Јабланица има населени места што не можат да бидат сигурно и навремено снабдени со струја, поради слабите конекции на преносната мрежа во сопственост на АД МЕПСО. Капак на барокот и туризмот на МЕПСО се трошењата на рекламни агенции и кетеринг ресторани, за 10-годишнината од своето постоење што ја прославија со раскошна храна и пијалоци, 10-минутен рекламен спот, како да се работи за кралски прием – рече Туневски.

Поврзани новости